– Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, денеска во Талин се сретна со премиерката на Естонија, Каја Калас.
Според владиното соопштение, на средбата присуствувал и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Оваа средба е дел од агендата на Ковачевски во рамки на учеството на Талинскиот дигитален Самит 2023, кој воедно беше и меѓу темите на разговор на билатералната средба.
„На средбата се разговараше за блиските и пријателски односи меѓу Северна Македонија и Естонија, кои и како земји сојузнички во Алијансата, ги продлабочуваат преку постојан политички дијалог“, се наведува во соопштението.
Ковачевски се заблагодари за естонската поддршка за евроинтегративниот пат на Северна Македонија, како и за директната поддршка во полето на кибербезбедноста и дигитализацијата.
Тој ја запозна Калас со статусот во нашата евроинтеграција и претстојните чекори што земјата треба да ги направи на тој пат.
„Заемно беше констатирана важноста од забрзување на процесот на приближување како на Северна Македонија, така и на другите земји од регионот кон ЕУ, во светло на новата геополитичка реалност предизвикана од воената агресија на Руската Федерација врз Украина. Како непосреден сосед на Русија, денес повеќе од било кога, Естонија ја истакнува и разбира важноста и силата на трансатлантската врска и европската солидарност, и посакува Северна Македонија што побрзо се најде на истата европска маса заедно со Естонија и другите земји членки на ЕУ. Во таа насока, Калас истакна дека Естонија ќе продолжи со својата гласна и силна поддршка за забрзување на македонскиот пат кон ЕУ и активно да делува со другите земји членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето“, се нагласува во ова соопштение.
„Калас исто така го поздрави и одговорниот став на Северна Македонија кон Украина и се заблагодари за поддршката која земјата досега ја има дадено. Приклучувањето кон одлуките на ЕУ и целосната координација во однос на санкциите и рестриктивните мерки говорат за ориентацијата на земјата и насоката која Естонија силно ја поддржува“, се додава во владиното соопштение.
На средбата се разговараше и за претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ. Претседателот на Владата, Ковачевски, се заблагодари за естонската поддршка на приоритетите и вложените напори за координацијата во рамки на претседавањето со ОБСЕ.