За да осигураме иднина за генерациите после нашата, сите денес мора да покажеме дека сме извлекле поуки од минатото, а тоа ќе го направиме само ако застанеме одлучно против екстремни националистички и полулистички идеологии кои водат кон фанатизам. Индиферентноста кон екстремизмот е соучесништво, порача премиерот Димитар Ковачевски на комеморативниот настан во Националната опера и балет во рамкие на обележувањето на 80 години од Холокаустот на македонските Евреи.
-Никогаш повеќе антисемитизам, расизам и ксенофобија. Никогаш повеќе фашизам. Оваа јасна и категорична порака ја упатувам вечерва со мирна совест бидејќи нашата историја исто како и сегашноста докажуваат дека сме секогаш на вистинската страна на историјата – демократи за кои никој не е и не може да биде помалку важен. И затоа имаме и морално право, но и вредности за да се спротиставиме на сите различни форми на говор на омраза и нетолерација, рече Ковачевски.
Светот, посочи, има потреба од гласност на секој од нас како народи, како држави, како луѓе што поддржуваме, а што не поддржуваме. Тоа, вели Ковачевски, определува во каков свет ќе живееме понатаму.
-Холокаустот не почнал со концентрационите логори, почнал со антисемитизам и со ширење говор на омраза по улиците. Ние кои се сеќаваме, сме должни да работиме активно и да оставиме поука за помладите од нас за никогаш повеќе да не се повтори, да не биде прекинат со ужасно зло ниту еден детски сон, никој насила да не биде ограбен и избркан од својот дом како на 11 март 1943 година кога започнала депортацијата на македонските Евреи од Битола, Штип и Скопје, рече Ковачевски, додавајќи дека 7144 деца, жени, мажи биле насилно собрани во скопски Монопол за да бидат депортирани во логорот на смртта Треблинка.
Посочи дека како функционална, мултиетничка демократија, нашата држава покажала пример во регионот, а и во Европа и светот, што значи да се почитуваат, охрабруваат, бранат и негуваат различностите.
– А ние веруваме дека овие политики на пријателство и разбирање придонесуваат и ќе придонесуваат и во регионалниот и во европскиот безбедносен контекст. Покажавме на дело дека различностите по било која основа не се пречка, туку предност. Со мудри и одговорни политики, Република Северна Македонија ќе стане членка на Европската унија, процес за кој знам дека ја имаме и поддршката на македонските Евреи, нагласи Ковачевски.
Посочи дека цивилизациска одговорност на генерациите на денешницата е да градиме свет еднаков за сите и дека сите оние кои во сржта го имаат антифашизмот, демократијата и прифаќањето на различностите мора да останат обединети и на вистинската страна на историјата.