Ковачевски на средба со Ескобар: САД силно ја поддржуваат Македонија на европскиот пат

Премиерот на Македонија, Димитар Ковачевски, придружуван од вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, за време на работната посета на Њујорк, се сретна со американскиот заменик државен секретар за европски и евроазиски прашања и со специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар.

На средбата на премиерот Ковачевски со високиот претставник на САД, Ескобар, се разговараше за актуелни прашања од значење за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД и состојбите во регионален и геополитички контекст.

На средбата беше истакнато значењето на големото и искрено пријателство меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, од осамостојувањето на нашата земја до денес. Тоа, како што беше речено, се одразува со активната соработка преточена во стратешко партнерство меѓу двете земји и со потврдените резултати од планот на демократските, економските и стратешките интегративни процеси на нашата земја, соопштуваат од Владата.

САД, како што беше истакнато, високо го ценат учеството на Република Македонија во мировните мисии, одговорното партнерство во НАТО и придонесот на земјата за стабилноста на Западен Балкан и, следствено, во Европа.

Поради овие причини, Македонија се смета за сигурен партнер на Соединетите Држави. И, во таа насока, се споделуваат очекувањата сите политички субјекти во земјава да ја имаат предвид историската и единствена шанса за ефикасен процес на членство во Европската Унија, по полноправното членство во НАТО. Нашиот европски пат, како што беше истакнато на средбата, е силно поддржан од САД.

Премиерот Ковачевски се заблагодари за големата и континуирана поддршка од САД три децении, во реализацијата на сите клучни и стратешки цели на Република Македонија, како и за личните заложби на високиот американски претставник, Ескобар, во овој важен период кога европската иднина на државата.

„Поддршката од САД е од големо значење за подобрување на квалитетот на животот на македонските граѓани, за просперитетот и стабилноста на Македонија, како и на целиот регион. Неопходно е во следниот период да се донесе државна одлука со која ќе се обезбедат евроинтеграции – и Владата и јас лично сме силно посветени на оваа цел“, рече премиерот Ковачевски.

На средбата се разговараше и за спроведувањето на реформите во нашата земја, со фокус на владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата. Ова ја нагласува важноста на поддршката што Македонија ја добива од САД во овие важни процеси за граѓаните и за европската интеграција, се наведува во соопштението на Владата.