Премиерот Димитар Ковачевски се надева дека Северна Македонија нема да ја направи грешката од минатото – 17 години да чека датум за преговори, 11 години да не се помрдне од место во преговорите со НАТО и ЕУ, заради не одлучноста и заради личните политички калкулации на еден човек или на дел од една политичка партија.
По денешното обраќање на конференцијата „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“ прашан за очекувањата од Самитот во Брисел и дали Албанија ќе го продолжи патот без Северна Македонија, тој кажа дека очекува да биде признаено тоа што државата го направи во делот на скринингот, кој беше затворен со последните поглавја минатата недела.
– Најпрвин јас очекувам да биде признаено тоа што Северна Македонија го направи во делот на скринингот, а тоа е дека имавме исклучително успешен скрининг којшто минатата недела го затворивме заедно со вицепремиерот Бојан Маричиќ со последните поглавја. Веќе дојдоа извештаите од ЕУ дека Северна Македонија има над 50 проценти усогласеност на законодавството со ЕУ. Јас сакам да се заблагодарам уште еднаш на СЕП, меѓутоа и на сите други институции владини, невладини, академски, стопански комори коишто учествуваа во над 100 состаноци, илјада луѓе броеше тимот којшто практично одржа 850 презентации во Брисел. Навистина ја презентираа државата на ниво кое што е соодветно на земја членка на НАТО и која има отворено преговори со ЕУ и како што кажав и јас, како што кажаа и високите претставници на ЕУ сега зависи од нас. Ние имаме една одлука која треба да ја донесеме во Собранието од која што одлука зависи отворањето на поглавјата и зачленувањето во ЕУ, рече Ковачевски.
Посочи дека и Албанија го поминала скринингот и со надеж дека нашата држава нема да остане повторно да чека.
– Ние започнавме со првата меѓувладина конференција на ист ден, така што јас на сите држави коишто се стремат да се зачленат во ЕУ секогаш им посакувам успех, меѓутоа се надевам дека Северна Македонија нема да ја направи грешката која што ја направи во минатото – 17 години да чекаме на датум за преговори, 11 години да не се помрднеме од место во преговорите и со НАТО и со ЕУ и на крајот од земја лидер која што беше заедно со Хрватска, а Хрватска веќе воведе и евро, и дел од шенген и е членка на ЕУ да останеме повторно да чекаме заради не одлучноста и заради личните политички калкулации на еден човек или на дел од една политичка партија. И затоа верувам дека тоа мора да го направиме како држава, истакна Ковачевски.
Предноста на земјите членки на Унијата, според премиерот, е тоа што со влезот го дуплираат Бруто домашниот производ, што води кон подобар стандард за граѓаните.
Тој потсети дека пред да се зачленат во ЕУ, Бугарија, Романија, Чешка, Словачка, Полска, Унгарија сите имале далеку понизок стандард од Македонија која што беше дел од Југословенската Федерација.
– И по распаѓањето на Југославија и на Варшавскиот договор цела декада ние пак имавме подобар стандард од земјите коишто ги набројав и не можеше да се замисли граѓанин на Македонија да оди и да работи во Полска, Чешка, во Словачка, во Унгарија или која било земја од тогашниот бивш Советски лагер. Денес наши граѓани одат и работат во овие земји. Знаете зашто е тоа? Затоа што овие држави влегоа во ЕУ. Единствената предност која што ја имаат пред нас е тоа што се земји членки во ЕУ. Со влезот во ЕУ тие го дуплираа својот БДП. Тоа го потврди и претседателката на Словенија при говор во Скопје. Тие ги дуплираа своите плати, додаде Ковачевски.
Во однос на прашањето дека граѓаните ја губат довербата бидејќи општеството е оптеретено со криминални дејствија, тој посочи дека сите коишто произлегле од транзицијата го имаа истиот проблем.
– Тоа е што имаше процеси на приватизација, имаше процеси на комплетна промена на системот, меѓутоа низ процесот на евроинтеграции тие општества напредуваа во сите сфери на живеењето, истакна премиерот.
Како пример ја посочи Романија и борбата против криминал и корупција по влегувањето во ЕУ.
– Затоа велам, секој оној којшто е против зачленувањето во ЕУ е само за одржување на статус кво, кој функционира само за одреден број на луѓе во државата. На нас ни треба држава членка на ЕУ која што ќе биде место во кое ќе живеат нашите млади во ЕУ, а не да се собираат сега да работат во Германија, во Франција, во Италија. Зошто? Бидејќи се членки на ЕУ. Ако има подобри држави зошто на друго место не одат да живеат, нагласи премиерот Ковачевски.