– Со договорот од Преспа и сите следни чекори до денес, ние ја обновивме вербата во дипломатијата, промовирајќи го отворениот дијалог како придобивка. Со тоа покажавме применлив и функционален пример за решавање на кризи што има посебно значење во денешниот геополитички контекст на случувања, за решавање слични предизвици пред кои што се исправени и регионот и Европа денес.
Ова вечерва од Струга го порача премиерот Димитар Ковачевски на официјалната сесија за отворање „Пет години по Преспанскиот договор: предизвици претворени во можности“ на Преспа форумот за дијалог.
Ковачевски оцени дека одржливи решенија се постигнуваат на маса каде што се води дијалог, меѓу лидери кои имаат политичка волја да се разберат и во името на доброто на својот народ и на својата држава.
-Земјите-членки на ЕУ, на НАТО, САД, во Северна Македонија денес гледаат како фактор на стабилност и безбедност во Европа. Поради сето тоа, денес реалистично гледаме на 2030 година како на достижна цел за полноправно членство на државава во ЕУ, нагласи тој.
Ковачевски истакна дека Северна Македонија покажа дека ниту еден искрен напор не е залуден.
-И кога велам дека постои доказ, тогаш најдобар доказ е Договорот од Преспа, којшто пред пет години беше решение за билатерален спор а денес е модел за перспективи за иднината, рече вечерва Ковачевски на панелот „Пет години по Преспанскиот договор: предизвици претворени во можности“.