– Претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на официјалната посета на УНЕСКО, се обрати на маргините на 42. Генерална конференција на организацијата, која се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Според владиното соопштение, Ковачевски е прв премиер од Северна Македонија што се има обратено во УНЕСКО, по 30-годишното членство на Северна Македонија во Организацијата на ОН за образование, наука и култура.
„Огромна е честа да бидам прв премиер од Република Северна Македонија што се обраќа од оваа говорница. Задоволството е дотолку поголемо што ова обраќање се случува во годината кога, како независна и самостојна држава, одбележуваме и триесет години членство во УНЕСКО“, рече Ковачевски, кој се обрати на македонски јазик.
Тој нагласи дека соработката со УНЕСКО датира од 1979 и 1980 година кога Охридскиот Регион влезе под закрила на УНЕСКО, кој е меѓу едно од вкупно 39 културни и природни наследства во светот.
Според него, императив е да се одржат интегритетот и автентичноста на Охридскиот Регион, во соработка со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и заедно со Албанија да се биде пример за добрососедска соработка и во заштитата на ова и заедничко и универзално добро.
„На 45. сесија што се одржа во септември Комитетот на УНЕСКО за светско наследство го разгледа Извештајот за состојбата со заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и донесе Одлука со која Комитетот ги уважи нашите заеднички напори, но еднакво и одговорноста за Охридското Езеро и богатото културно наследство за зачувување на престижниот статус на светско наследство“, додаде тој.
Ковачевски рече дека изминатите 78 години УНЕСКО придонел за градење култура на мир, за искоренување на сиромаштијата, за одржлив развој и особено за меѓукултурен дијалог.
„Потсетувам на овие вредности затоа што денес, кога беснее војна во Европа и на Блискиот Исток и кога флагрантно се прекршени нормите и правилата на меѓународниот поредок, тие ни се потребни повеќе од кога било порано! Морална визија преточена во уште поопиплив и поефикасен мултилатерализам, кој секогаш и секаде ќе се спротивставува на одржувањето на структурите на нееднаквост, на неправдите и на која било форма на расизам!“, нагласи Ковачевски.
Меѓу другото, премиерот на Северна Македонија посочи дека демократскиот систем на вредности е под сериозна закана и дека ниту една држава, колку и да е моќна и силна, не може сама да се справи со глобалните предизвици на денешнината.
Ковачевски истакна дека Северна Македонија ќе продолжи да биде активна во зајакнувањето на мултилатерализмот, во сите меѓународни организации каде што членува, а посебно во УНЕСКО.
„Ќе продолжиме да покажуваме дека од корисник на безбедносни аранжмани пред триесет години, сега сме генератор на безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко и промотор на културата на дијалог“, додаде претседателот на Владата на Северна Македонија.