Премиерот Димитар Ковачевски, упати телеграма со честитки до Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, до свештенството и монаштвото на Католичката црква во Македонија, до верниците на Католичка црква и до сите граѓани кои по грегоријанскиот календар го празнуваат Раѓањето Христово – Божик.
-Во име на Владата на Република Северна Македонија и во свое име, упатувам искрени честитки за големиот христијански празник, Рождество Христово – Божик. Спокојот и вербата што ги носат празничните денови го насочуваат вниманието кон вистинските вредности, почитта, љубовта, разбирањето, трпението, грижата едни за други, на што посочува и Христовото дело. Но, тие се поттик и за совеста и духовната сила, за одговорноста на секого поединечно, во изградбата на општество на среќни луѓе, кои мотивирано придонесуваат во напредокот, пишува Ковачевски во честитката.
Во годината што е пред нас, нагласува премиерот, има потреба повторно цврсто да се сплотиме околу приоритетите. А тоа денес, вели, е целта да осигураме заедничка перспективна иднина, за сегашните и идните генерации, во својата родна земја, Република Северна Македонија.
-Убеден сум дека како и досега, заедно ќе успееме и во овој наш заеднички предизвик. По примерот на Христос, да правиме добри дела, што се светол патоказ за нашите деца, но и за следните генерации. Пожелувам божиќните и новогодишните празници да ги поминете во мир и радост, меѓу своите сакани. Христос се роди! Среќен Божик!“, напиша премиерот Димитар Ковачевски во честитката по повод Божик.