– Премиерот Димитар Ковачевски, денеска во Виена, Австрија се сретнал со генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид. На средбата, соопштија од владината прес-служба, било поздравено успешното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, со што државата уште еднаш ја покажа посветеноста кон мултилатерализмот.
На состанокот, Ковачевски и Шмид констатирале дека претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ претставуваше комплексна задача, што земјата успешно ја заврши во услови на најголема безбедносна и геополитичка криза на европскиот континент после Втората светска војна.
Премиерот Ковачевски, стои во соопштението, на средбата истакнал дека како членка на Тројката, Северна Македонија е подготвена да ја пружи сета поддршка на актуелниот претседавач Малта и да продолжи да придонесува во процесите за севкупната европска безбедност и стабилност.
На средбата се разговарало и за претстојните изборни процеси кои следат во Северна Македонија, како и за важноста на ОБСЕ на тој план.