Кои се придобивките од редовното движење за здравјето на вашиот мозок?

Кога станува збор за одржување на здравјето на мозокот, првата асоцијација за многу луѓе се крстозборките, игрите со зборови и загатките за мозокот, но според експертите, она што го правите со вашето тело има силно влијание врз состојбата на вашиот мозок.

Имено, најдобриот начин за одржување на здравјето на мозокот е редовната физичка активност. Според ново истражување , вежбањето, без разлика дали е во форма на одење, возење велосипед или јога, постојано ги подобрува когнитивните функции.

Во сето ова, особено се нагласува важноста на регуларноста, бидејќи 30 минути движење дневно, неколку дена во неделата, можат да имаат долгорочен ефект врз способноста за помнење, учење и донесување одлуки.

Научниците објаснија дека дури и умерената активност како одењето го стимулира растот на делови од мозокот кои се клучни за меморијата и учењето, како што е хипокампусот. Кај постарите луѓе кои редовно вежбале, е забележано зголемување на волуменот на оваа област од мозокот, што практично го забавува природното стареење на мозокот.

Покрај тоа, движењето го стимулира ослободувањето на протеинот BDNF, кој ги зајакнува врските меѓу нервните клетки. Психијатарот д-р Никил Палекар објасни: „Редовната физичка активност ја движи крвта до мозокот, донесувајќи кислород и хранливи материи и дејствувајќи како свеж ветрец за вашиот ум“.

Покрај тоа, вежбањето ги зголемува нивоата на серотонин и допамин, хемикалии кои го подобруваат расположението и го намалуваат стресот, што може да влијае на способноста на мозокот да учи и да памти. Придобивките се појавуваат по само неколку недели и се најголеми во области како што се општата когниција, меморијата и емоционалната регулација.