Новиот штрајк на белгиските пилоти на еден од најголемите европски аеродроми ја принуди ирската компанија Ryanair во понеделникот да откаже 88 летови.
Штрајкот, трет од летната сезона, погоди 15.000 патници кои планираат да летаат во понеделник или вторник, соопшти управата на аеродромот Шарло, кој е еден од најпрометните аеродроми во Европа.
Пилотите на Ryanair со седиште во Белгија веќе стапија во штрајк за време на викендот на 15. јуни (откажани 120 летови) и викендот на 29. јули (откажани 96 летови). Тие ja обвинија Ryanair дека не го спровела договорот потпишан за време на пандемијата со вирусот Ковид-19 за да им даде дополнителни слободни денови во замена за прифаќање на намалување на платите.
Синдикатот на пилотите ја обвинува компанијата дека не го почитува белгискиот закон и дека успешно работи благодарение на „социјалниот дампинг“ што создава нелојална конкуренција со другите компании.
„Персоналот е револтиран. Нашиот работодавач отворено вели дека нема да ги почитува законите и ни вели: Повлечете ги сите тужби, во спротивно ќе ви го продолжиме работното време и нема да ги приспособиме платите на инфлацијата“, изјавила претставничката на синдикатот на вработените, Дидије Лебе.
Ryanair претходно ги повика пилотите да преговараат наместо да штрајкуваат и истакна дека постигнале договори за работните услови со италијанскиот, францускиот и шпанскиот персонал.
Околу половина од летовите на Ryanair од аеродромот Шарлоа се управувани од небелгиски екипажи, а компанијата соопшти дека тие летови функционираат според планираното.