Колефски: Не верувајте во лаги и манипулации,   гласајте за продолжување со реални проекти

– Актуелниот градоначалник на општина Пустец, Пали Колефски, кој повторно ја бара довербата на изборите на 14-ти идниот месец ги повика жителите да не веруваат во лаги и манипулации на против кандидатот и да гласаат за „продолжување со реални проекти”.

-Почитувани мои сограѓани  безидејноста произведува лаги и манипулации, затоа драги мои на 14 мај да излеземе масовно и да продолжиме со реалните проекти, да продолжиме со нашата реална програма со конкретни проекти, не само за патишта, туку и за други многу потребни работи важни за нашата Преспа, порача тој на објава на Фејсбук.

Колефски побара „да се ставиме крај на манипулациите и да им покажеме на оние кои ја потценуваат вашата интелигенција кај им е местото бидејќи како што викаат старите кај нас со три столбови куќа не се крепи”.

-Драги мои, сакам да споделам со вас дека на нашата општина не и требаше само една ќерамида туку имаше потреба од цела чатија. Денес ја лечиме раната на овие кои само сонуваа 12 години и горд сум што ги решавам сите проблеми по ред, вода за пиење, осветлување,  подобрување на електро мрежата, патишта, развој на туризмот, проблемот со отпадните води, и многу други прашања, наведува Колефски.

Додава дека и самиот е свесен дека треба уште многу повеќе да работиме бидејќи, како што вели,  „од работа никогаш не е доста”.


– Убеден сум дека заедно ќе успееме во решавањето на сите проблеми во нашата општина.
 Затоа драги мои ние предлагаме и нудиме да не се враќаме веќе никогаш назад, да одиме само НАПРЕД, а само напред ќе одиме заедно јас Пали Колефски и сите вие заедно со заокружување на бројот 2 на гласачкото ливче, порачува тој.


Во оваа единствена македонска општина во Албанија за градоначалничката функција во трка се Колефски и Панди Јани и двајцата Македонци од Пустец.