Колку брзо Албанија може да влезе во ЕУ?

Албанија може да стане членка на ЕУ до крајот на мандатот на актуелната Европска комисија.

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави дека Албанија има целосна поддршка од ЕУ за забрзување на реформскиот процес, со цел до крајот на мандатот на тековната Европска комисија да стане членка на европското семејство.

„Силната посветеност на Албанија кон реформскиот процес нѐ доведе до отворање на првиот кластер на минатонеделната Меѓувладина конференција. Даваме целосна поддршка за забрзување на реформскиот процес, за земјата да може да стане членка на ЕУ до крајот на следниот мандат“, објави Вархеји на социјалната мрежа Икс.

Албанија на 15 октомври го отвори првиот кластер за преговори за членство во ЕУ, кој ги опфаќа прашањата за правосудството и основните права, правдата, слободата и безбедноста, јавните набавки, статистиката и финансискиот надзор.

Македонија останува во чекалната на ЕУ. Земјава треба да направи уставни измени за да продолжи по европскиот пат. Европските политичари цело време повторуваат дека иднината на Западен Балкан е во ЕУ.