Девизните резерви се финансиски средства во странска валута коишто во име на државата се чуваат и управуваат од страна на централната банка и служат за балансирање на плаќањата на земјата со странство и одржување на стабилноста на девизниот курс на домашната валута. Финансиските средства во кои вообичаено се чуваат се: ефективни странски пари, депозити кај странски централни и деловни банки, странски хартии од вредност и монетарно злато.
Девизните резерви претставуваат национално богатство и се од клучно значење за одржувањето на довербата во монетарната политика и политиката на девизниот курс.
На официјалната веб-страна на Народната банка се наведува дека девизните резерви имаат клучна улога за градење и одржување на довербата на економските субјекти кон земјата, за нејзината подготвеност за навремено и редовно извршување на финансиските обврски кон странство, за поддршка и одржување на вредноста на домашната валута, како и за заштита од шокови предизвикани од нагли одливи на девизи од државата во време на криза.
Оптималното ниво на девизни резерви за една држава зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ја големината на економијата, нејзината отвореност и девизниот режим. На поголемите и отворените економии им е потребно повисоко ниво на девизни резерви. Не постои единствена формула за оптималното ниво и истото може да варира од земја до земја, при што истото треба редовно да се следи.
Заради внимателно следење на нивото на девизните резерви, постојат неколку општи правила/показатели за нивното оптимално ниво коишто се прифатени во меѓународни рамки. Според нив, нивото на девизни резерви на една земја треба да покрие најмалку три месеци увоз на стоки и услуги во државата или пак да ги покрие во целост сите обврски на државата кон странство врз основа на краткорочен долг и отплати врз основа на долгорочен долг за тековната година. Генерален консензус по ова прашање е дека земјата треба да одржува што е можно повисоко ниво на девизни резерви за да има заштитни слоеви (бафери) заради одржување на финансиска стабилност и во периоди на надворешна или внатрешна нерамнотежа.
Според гувернерот на македонската Народна банка, Трајко Славески, девизните резерви се во сигурни раце.
„Моментно изнесуваат 4,6 – 4,7 милијарди евра што е сосема комотна позиција за земјата, а покриваат околу 4,5-месечни вредности на увозот додека светскиот стандард што се препорачува е 3 – 3,5“, изјави во текот на минатата недела гуврнерот Славески.
Колку изнесуваат девизните резерви на останатите земји од регионот?
Бруто двизните резерви на Народната банка на Србија кон крајот на мај 2025 година, беа на ниво од 27,3 милијарди евра. Во однос на крајот на април намалени се за 306,5 милиони евра.
Девизните резерви на Централната банка на Босна и Херцеговина во 2024 година изнесуваа 17,6 милијарди конверибилни марки (КМ) односно околу 9 милијарди евра, што претставува зголемување од 1,36 милијарди КМ во однос на 2023 година, што е потврда на стабилноста и кредибилитетот на монетарниот систем.
Во февруари 2025 година, вкупните девизни средства на Банката на Албанија достигнаа 6,73 милијарди евра, што претставува зголемување од 7,4% од почетокот на годината и 23,6% повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Голем придонес за ова зголемување имаше купувањето на големи количини на девизи во текот на 2024 година.
Достапните податоци покажуваат дека Девизните резерви на Црна Гора изнесуваа 1,395 милијарди американски долари (1,19 милијарди евра) во јануари 2025 година. Овие резерви претставуваат приближно 20,2% од БДП на земјата и се еквивалентни на околу 5,6 месеци увоз. Резервите ги управува Централната банка на Црна Гора за да се обезбеди ликвидност во тековните плаќања со странство и да се усогласи со монетарната политика на земјата.
Според податоците на CEIC, девизните резерви на Косово изнесувале вкупно 1,2 милијарди американски долари (1.02 милијарди евра) во јануари 2025 година. Оваа бројка претставува приближно 12,5% од БДП на Косово и е еквивалентна на околу 1,7 месеци увоз. Резервите се зголемија во споредба со претходната година, а земјата ги обновува своите фискални резерви.