„Колку помалку, толку подобро за здравјето“: Само една пијачка неделно го зголемува ризикот од неколку болести

Еден алкохолен пијалок неделно го зголемува ризикот од повеќе од 10 здравствени состојби, но и штити од неколку, објави денеска Меѓуагенцискиот координативен комитет за превенција од употреба на алкохол кај малолетници (ICCPUD).

Во извештајот се наведува дека само еден алкохолен пијалок неделно го зголемува ризикот од болести како што се ракот на дебелото црево, хранопроводникот и цирозата на црниот дроб, но исто така може да го намали ризикот од дијабетес и срцеви заболувања, објави британскиот Дејли Меил .

Кон крајот на минатиот месец беше објавен уште еден извештај од Националната академија на науките, инженерството и медицината (NASEM), во кој се наведува дека консумирањето алкохол е поврзано со поголем ризик од одредени видови на рак, како и со помал ризик од смрт.

Д-р Кевин Шилд, кој беше вклучен во истражувањето, изјави за Дејли Меил дека е важно да се забележи дека извештајот покажа дека ниту едно ниво на консумирање алкохол не е целосно без ризик, дури и ако е во мали количини. Шилд објасни дека како што се зголемува потрошувачката на алкохол, така се зголемува и ризикот од смртност.

– Значи, кога станува збор за употребата на алкохол, колку помалку е толку подобро за здравјето – рече Шилд.

Сегашните Упатства за исхрана на САД препорачуваат мажите да консумираат не повеќе од два алкохолни пијалоци дневно, додека жените не треба да консумираат повеќе од еден алкохолен пијалок дневно.