Командантот на КФОР ги повика Косово и Србија на дијалог

 – Командантот на мисијата на НАТО во Косово (КФОР), генерал-мајор Микеле Ристуча, ги повика Косово и Србија да ја избегнуваат непотребната реторика и да се вратат на дијалогот.

Ристуча, во изјавата за новинарите во Главниот штаб на КФОР во Приштина, нагласи дека ситуацијата на северот на Косово е сè уште тензична и покрај навидум мирната атмосфера.

„Ги повикувам двете страни да ја избегнуваат непотребната реторика и да се вратат на масата за дијалог, што е единствен начин за решавање на ситуацијата“, нагласи тој.

Командантот на КФОР рече дека мнозинството жители на Косово сакаат да живеат во мир.

„Драстичното намалување на бројот на трупи на КФОР од 1999 до 2023 година е многу јасен показател за многуте постигнати успеси. За жал, денешната динамика нѐ прави многу загрижени за овие достигнувања и двете страни мора да ги деескалираат тензиите и што поскоро да изнајдат политичко и дипломатско решение“, рече Ристуча и додаде дека постојат само политички, а не воени решенија.

Истакнувајќи дека НАТО праќа дополнителни трупи во Косово за подобро да се соочи со предизвиците, Ристуча рече дека „придонесот на турските сили е важен за нас, тој ни овозможува да имаме поголема флексибилност за да се соочиме со оваа ситуација“.

На почетокот на јуни на Косово пристигна засилување од околу 500 турски војници во составот на КФОР. Тие минатата недела беа распоредени во општина Зубин Поток, на северот на Косово, каде што живее мнозинско српско население.