– Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница расправа по единствената точка на дневен ред – утврдување на предлог за избор на судија на уставен суд. За уставен судија, според материјалите објавени на веб-страната на Собранието, е предложена универзитетската професорка Ана Павлова Данева.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ на седницата побараа појаснување зошто е повлечен претходниот предлог за уставен судија. Воедно посочија дека со новиот предлог за судија не се запазени важни услови.
-Кога се бираат судии секогаш се внимава на две нешта кои не се исполнети во случајов. Првиот е да има департизација, тоа значи тој што е судија да нема политичка активност или политичка определба. Предлогот е истакнат правник, но дури и некој да е професор со искуство од областа кога ќе дојде на местото кандидат за уставен судија веќе имаме проблем со репутацијата, рече Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, владејачкото мнозинство има проблем со репутацијата на кандидатите кои ги предлага.
-Ако вчера без никакво објаснување и со недовршена листа на говорници пријавени за збор, не се разговараше зошто на претходниот предлог кој не ни требаше да се случи како кандидат му ја повлековте кандидатура, какви практични аргументи имате да изнесете за кандидатите сега, рече Стојаноски.
Уставниот суд подолг период работи во некомплетен состав, бидејќи постапката за избор на нови членови заглави во Собранието.