Компанијата на Маск развива суперкомпјутер

xAI собра 10 милијарди долари инвестиции за разни проекти.

Стартапот за вештачка интелигенција xAI на Илон Маск собра вкупно 10 милијарди долари финансирање преку комбинација од долг и капитал, според „Морган Стенли“. 

Од споменатиот износ, пет милијарди долари беа обезбедени преку долг (обврзници и кредити), додека остатокот дојде од стратешки инвестиции во акционерски капитал.

Банката наведува дека понудата на долг била многу барана и дека истакнати глобални финансиски институции биле меѓу инвеститорите во xAI. 

Оваа рекордна сума ќе се искористи за развој на суперкомпјутерот Colossus, подобрување на четботот Grok и зајакнување на инфраструктурата, така што xAI ќе го зголеми притисокот врз конкурентите како што се Open AI и Anthropic.

Во мај, Маск изјави дека 200.000 графички процесорски единици веќе се инсталирани во центарот за развој на суперкомпјутери „Колосус“ во Мемфис, а планот е да се изгради уште поголем објект со дури еден милион чипови, објави CNBC.

Оваа инвестиција доаѓа во време на сè пожестока конкуренција меѓу американските компании на пазарот на вештачка интелигенција.

Open AI затвори рунда на финансирање од 40 милијарди долари во март, додека Anthropic обезбеди кредитна линија од 2,5 милијарди долари во мај со пазарна вредност од 61,5 милијарди долари.

Вредноста на компанијата xAI беше проценета на 50 милијарди долари минатата година, а новата рунда инвестиции потенцијално ја зголемува вредноста на компанијата на повеќе од 80 милијарди долари.