Компанија од Кина им нуди 126 милиони евра на работниците за да имаат деца

Компанијата Trip.com од Кина одлучи со парична помош да ги поттикне своите 32.000 вработени да имаат деца.

Конгломератот што е една од најголемите туристички интернет-агенции во светот, нуди стимул од една милијарда јуани (или точно 126.479.760 евра) вкупно за сите вработени со полно работно време, кои биле вработени најмалку три години, без разлика на нивниот пол, позиција или место на работа. Оние кои ги исполнуваат условите ќе добиваат годишен бонус од 1.260 евра за секое новородено дете – секоја година од првиот до петтиот роденден на детето.

– Со воведување на оваа поволност, сакаме да ги охрабриме нашите вработени да основаат или да го зголемат семејството. Отсекогаш сум бил за тоа Владата да дава пари на семејствата со деца, бидејќи така помага во намалувањето на трошоците за одгледување деца и им помага на многу млади луѓе да ги исполнат своите желби за повеќе деца, изјави извршниот директор на Trip.com , Џејмс Лијанг.

Кина се бори со намалениот наталитет и стареењето на населението. Во јануари оваа година беше објавено дека населението во Кина се намалува, и тоа првпат по 60 години. Во 2022 година, имено, бројот на жители се намалил за 850.000, што делумно е последица и на пандемијата на Ковид-19, според Националното биро за статистика.

Здравствената комисија на покраината Сечуан, на пр. во јануари објави дека ќе им дозволи и на невенчаните лица да имаат деца, а бројот на раѓања веќе нема да биде ограничен. Пред оваа промена, властите им дозволуваа само на брачните двојки да регистрираат само по две деца. Новите мерки ќе останат во сила следните пет години.