Туристите од Велика Британија кои патуваат во Европа се предупредени за опасностите од кримско-конгонска хеморагична треска откако девојка од Македонија почина од болеста со крварење на очите.
Девојката (27 г.) од Македонија беше заразена со кримско-конгонска хеморагична треска (CCHF), која се пренесува преку крлежи, а според официјалните податоци на Светската здравствена организација, оваа треска убива до 40 отсто од заразените.
Властите во државата, според податоците на Министерството за здравство работат на пронаоѓање на 67 контакти на жртвата каде што CCHF можеби бил пренесен преку крв или телесни течности.
СИМПТОМИ
Неименуваната 27-девојка се верувадека била заразена откако на 19. јули била касната од крлеж додека била во посета на градот Штип во источниот регион на земјава. Институтот за јавно здравје на Република Македонија соопшти дека таа е хоспитализирана четири дена подоцна.
Девојката имала симптоми слични на грип кои потоа ескалирале. Симптомите на CCHF вклучуваат треска, болки во мускулите, вртоглавица, чувствителност на светлина и гадење. Ова може да доведе до откажување на органите и внатрешно крварење.
Според информациите на Министерството за здравство – девојката починала на 27. јули.
ИСТОРИЈА НА КРИМСКО-КОНГОНСКА ХЕМОРАГЧНА ТЕСКА
Болеста прв пат била идентификувана на полуостровот Крим во 1944 година, а сега е ендемична во Африка како и на Балканот и на Блискиот Исток, а присутна е и во некои азиски земји.
Експертите веруваат дека може да се прошири надвор од нејзините вообичаени територии како резултат на климатските промени. Три смртни случаи се регистрирани на територијата на Шпанија од 2016 година.
Во мај, СЗО го идентификуваше CCHF како една од деветте приоритетни болести во однос на јавната закана. Експертите минатиот месец рекоа дека е „многу веројатно“ дека во блиска иднина би можело оваа треска да стигне до Велика Британија, но и до остатокот во Европа.
За време на сослушувањето, Џејмс Вуд, прв човек на ветеринарна медицина на Универзитетот во „Кембриџ“, рекол дека CCHF може да го најде својот пат до Велика Британија во одреден момент.
МАКЕДОНИЈА ГО ОБЕЗБЕДИ ЛЕКОТ ЗА КРИМСКО-КОНГОНСКА ХЕМОРАГЧНА ТЕСКА
Денес, како што информираше директорката на Клиниката за инфективни болести во Скопје, Милена Стевановиќ, лекот за конго-кримска хеморагична треска е обезбеден во Македонија.
„Веднаш го набавивме овој лек. Многу ретко се наоѓа, го има само во земји во кои има голем број на разболени пациенти. Но, во соработка со Светската здравствена организација и Доктори без граници, успеавме за многу кратко време да добиеме количина на лекот, во случај да ни треба за нашата пациентка. Искрено се надевам дека нема да имаме таква состојба за да го искористиме. Но, ако ни треба и тој лек го имаме. Лекот се дава само во друга ситуација, кога се нема друг избор, при исклучително тешка клиничка слика“, појасни Милена Стевановиќ.
Во соопштение на Клиниката за инфективни болести пишува дека по појавата на првиот случај во државава после неколку децении, сите здравствени институции во државата реагираа навремено и координирано.
„Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болест. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата. Лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болест е пристигнат во државата во тек на вчерашниот ден, во тек на вчерашниот ден беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“, се наведува во соопштението.
НЕМА НОВО ЗАРАЗЕНИ СО КРИМСКО-КОНГОНСКА ХЕМОРАГЧНА ТЕСКА
Додека засега состојбата на болничарката е стабилна, а од Клиниката за инфективни болести велат дека веќе е стигната и антивирусна терапија за тешки форми на зарази, која не е исклучиво наменета за конго кримска треска оти таква не постои.
„Веднаш е побарано, обезбедена е и донесена терапија, антивирусна, бидејќи сопортивна секако имаме. Имаме и антивирусна, меѓутоа одлуката да се ординира ваквата терапија е зависна од состојбата на пациентката. Пациентката денеска е веќе во седмиот ден од болеста, со оглед на тоа што болеста си има своја еволуција на развој ние ја следиме. Таа е во добра состојба, а параметрите мора да се следат постојано за да не дојде до влошување. Пациентката сега е одлично, се поздравивме утрово, добра е“, вели Добринка Наунова Јовановска.
Инфектолозите објаснуваат дека дел од нивните колеги кои биле во контакт со веќе починатата 27-годишна жена од штипско не се во изолација или во карантин бидејќи вирусот не се пренесува лесно, односно преку воздухот, здравствениот надзор е само детално следење на состојбата која не вклучува забрана за движење.