– Владејачката СДСМ вечерва одржува Конгрес на кој треба да ја официјализира поддршката за втор претседателски мандат на актуелниот шеф на државата Стево Пендаровски.
Пред Конгресот, заседаваше Централниот одбор на СДСМ за поддршката за Пендаровски што претходно беше усвоена и од Извршниот одбор.
На Конгресот по обраќање на претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски следува работен, затворен дел, по што ќе се обрати и кандидатот за претседател на државата.
Откако завчера ја најави и официјално кандидатурата за претседател на државата, Пендаровски денеска ги обезбеди и потребните 10 000 потписи за граѓанската кандидатура, кои како што информираше неговиот Кабинет, се собрани за неполни пет часа.
Пендаровски е на функцијата претседател на државата од 12. мај 2019 година. Првпат беше кандидат за претседател на државата во 2014 година, како кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, но не успеа да го победи тогашниот претседател Ѓорге Иванов. Во 2019 година вторпат беше кандидат на претседателски избори, како консензуален кандидат на СДСМ, ДУИ и десетици други политички партии и го победи кандидатот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, универзитетската професорка Гордана Силјановска-Давкова. И на овие избори Силјановска Давкова е негов противкандидат. И таа денеска обезбеди 10 000 потписи од граѓаните за кандидатурата, а ВМРО-ДПМНЕ и ја официјализираше поддршката вчера на конвенција.
Потписи за влез во трката за претседател на државата досега обебзедија уште пет кандидати: лидерот на „ЗНАМ“ Максим Димитриевски, актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој е кандидат на ДУИ, претседателот на ГРОМ Стевче Јакимовски, Билјана Ванковска, кандидат на Левица и Арбен Таравари од коалицијата на здружената албанска опозиција „Вреди“.