Северна Кореја ги предупреди САД на можноста за превентивен нуклеарен напад.
Предупредувањето дојде поради обидот на Вашингтон да започне нуклеарна војна со распоредување на своето стратешко оружје на Корејскиот полуостров, објави денеска севернокорејската новинска агенција КЦНА.
Агенцијата наведува дека станува збор за намерни провокативни потези на САД за, како што се истакнува, почеток на нуклеарна војна.
САД планираат да ја вратат својата моќ на Корејскиот полуостров, но нивниот обид никогаш не може да се реализира, оценува КЦНА во коментарот пренесен од ТАШ.
Сега кога САД и Јужна Кореја ја провоцираат Северна Кореја со нуклеарен напад, Пјонгјанг ќе ја избере соодветната опција како одговор, наведува севернокорејската агенција.
САД донесоа одлука да го распоредат нуклеарниот стратешки бомбардер Б-52 и стелт-ловецот Ф-22 Раптор од петтата генерација на југот на Корејскиот Полуостров.
На крајот на септември севернокорејскиот парламент усвои закон за уставни амандмани, со кој се утврдува статусот на нуклеарните сили на земјата и нивниот забрзан развој со цел, како што се наведува, „да се гарантира правото на земјата да постои“.