Тара Рид, поранешна вработена во Сенатот, која го обвини Џо Бајден, тогаш претседателски кандидат на Демократите, за сексуално вознемирување за време на кампањата во 2020 година, објави овој вторник преку прорежимските медиуми дека побегнала во Русија поради „растечкиот политички притисок“.
„Сè уште сум во неверување, но се чувствувам прилично добро“, изјавила Тара Рид за Sputnik оваа недела, додавајќи дека – „конечно се чуствувам безбедно“.
Во раните 1990-ти години, Тара Рид била помошник на Џо Бајден додека тој служел како сенатор во државата Делавер. За време на претседателската кампања во 2020 година, таа го обвини сегашниот претседател за сексуално вознемирување. Таа тврди дека во 1993 година, Џо Бајден ја турнал до ѕидот на коридорот на американскиот Сенат и ја нападнал. Иако нејзината приказна привлече голем интерес кај американската јавност и медиумите, неколку организации покренаа истрага врз основа на нејзините наводи и не најдоа веродостојни докази за да го поддржат нејзиното тврдење.
Сепак, Тара Рид беше само една од неколкуте жени кои го обвинија Џо Бајден за несоодветно однесување, поради што тогашниот демократски претседателски кандидат и неговиот штаб мораа постојано да и објаснуваат на јавноста преку медиумите дека не станува збор за сексуално вознемирување, туку за прекумерна блискост на Џо Бајден со луѓето.
„Тој е тактилна личност. Тој покажува љубов и грижа со тоа што често влегува во личниот простор на луѓето. Тој станува свесен за фактот дека околностите значително се променија во последниве години во екот на движењето ‘MeToo‘, поради што таквото однесување стана несоодветно, и тој ќе работи на тоа“, објаснија тогаш неговите вработени.
На прес-конференција во Русија, Тара Рид беше претставена како „писателла“ и „публицистка“ и поранешна помошничка на актуелниот американски претседател Џо Бајден. До неа како поддршка седеше обвинетата руска агентка Марија Бутина, која се изјасни за виновна по сите точки од обвинението за заговор во декември 2018 година, а благодарение на соработката со американското обвинителство, казната и беше намалена на 18 месеци затвор.
Марија Бутина, имено, е докажано дека работела на создавање тајни комуникациски канали меѓу Русија и американските конзервативни интересни групи, вклучително и НРА. Откако Белата куќа на Доналд Трамп ја депортираше во Русија, таа беше претставник на партијата на Владимир Путин во Државната Дума (рускиот парламент).
„Навистина ја ценам Марија и сите службеници на руската администрација кои ми нудеа заштита во овие турбулентни времиња“, кажала Тара Рид, признавајќи дека од 2020 година се нашла во бројни ситуации во кои повеќе не можела да процени кому може да му верува.
Тара Рид неодамна сериозно ја разгледа идејата да сведочи во Претставничкиот дом (во кој мнозинство имаат републиканците на Кевин Мекарти), каде што требаше повторно да изнесе серија обвинувања против Џо Бајден и неговото семејство. Таа за Sputnik изјавила дека одлуката да побегне во Русија ја донела „со тешко срце“.
„По природа не сум импулсивна личност. Сакам да одвојувам време и да ги анализирам податоците пред да донесам конечна одлука“, објаснила таа. Меѓутоа, кога сфатила дека во САД се „готви“ нова претседателска кампања, што значи дека нејзиното име повторно ќе почне да се појавува во медиумите, решила на радикалниот чекор да пребега во странство.
„Навистина ми е подобро овде. Се надевам дека еден ден ќе можам да се вратам дома, но се помирив со сценариото дека засекогаш ќе останам да живеам во Русија“, изјавила таа.
На прес-конференција за руските медиуми, Тара Рид им се извини на браќата и сестрите од Русија бидејќи сегашното раководство на нејзината земја ја поддржува Украина во руската специјална воена операција.
„Жал ми е што американската елита во моментов има многу агресивен тон кон Русија. Би сакала да ви кажам дека повеќето Американци сакаат да негуваат пријателски односи со вас“, кажала таа.