Министерството за образование и наука распиша Конкурс за заеднички научно-истражувачки проекти помеѓу Северна Македонија и Австрија за периодот 2023 –2025 година со краен рок за поднесување предлози 13 јуни 2023 до 12 часот.
МОН во објавата наведува дека Конкурсот е распишан врз основа на Спогодбата меѓу владите на Република Македонија и Република Австрија за научна и технолошка соработка од 1 ноември 2008 година.
Според Конкурсот, право да конкурираат имаат државните универзитети во нивните единици насочени кон наука (научни институти) и во единици насочени кон образование засновано на наука (факултети), јавните научни установи, мешовити научни установи, приватни високообразовни установи, приватни научни установи, самостојни истражувачи и центри на извонредност.
-Истражувачкиот тим на научно-истражувачкиот проект треба да е составен од главен истражувач, со научно односно наставно-научно звање кој е вработен во установата носител на проектот и најмалку уште еден истражувач со научно или наставно-научно звање, евидентирани во базите на податоци за научни истражувачи на Министерството за образование и наука, како и најмалку двајца млади истражувачи, од кои еден активен постдипломец или докторанд, е наведено во конкурсните услови.
Само нови проект-партнерства може да бидат поддржани со оваа програма. Апликантите на билатерални проекти кои веќе биле поддржани со оваа програма нема да добијат поддршка.
Во објавениот конкурс се наведени повеќе информации за аплицирањето, начинот на финансирање, поднесување на предлозите и критериумите за нивно оценување.