Полицијата во Франција уапси 217 лица во четвртокот вечерта за време на протестите во Париз против контроверзната пензиска реформа што беше протуркана во парламентот без конечно гласање во Долниот дом, објавија француските медиуми.
Телевизијата France Info цитира полициски извори кои велат дека 217 лица биле уапсени кога избувнале немири на Плас де ла Конкорд во центарот на Париз, во близина на местото каде што се состанува Долниот дом на Парламентот.
Според француските медиуми, полицијата употребила водени топови и солзавец. Демонстрантите, меѓу другото, запалија дрвени палети и фрлаа остри и тешки предмети кон полицајците. Во времето на избувнувањето на конфликтот, на плоштадот имало околу 6.000 противници на пензиската реформа.
Во четвртокот попладне, француската влада одлучи во последен момент да ја спроведе најважната реформа на претседателот Емануел Макрон, која предвидува постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Во процедурата Владата намерно или не намерно го заобиколи Долниот дом на Парламентот, Националното собрание, каде резултатот од гласањето беше на прагот за донесување одлука.
Постои посебен член во францускиот устав кој и дозволува на Владата да го прави тоа. Реформата се уште може да се отфрли со гласање недоверба на Владата.
Протести избија и во други француски градови, а синдикатите повикаа на нов национален ден за штрајкови и протести кои ќе се одржи следниот четврток. Милиони луѓе веќе излегоа на улиците против предложената реформа.