Ендрју и Тристан Тејт ја напуштија Романија утрово кратко по 5 часот по локално време, изјавија за Би-Би-Си сигурни извори во Букурешт. Се верува дека тие заминале со приватен авион од аеродромот Банеаса, упатувајќи се кон САД.
Контроверзните браќа беа под забрана за патување
Ендрју Тејт (38) и неговиот брат Тристан беа уапсени во Романија пред три години каде им се судеше под обвинение за силување, трговија со малолетници и перење пари, што тие го негираа.
Браќата се бараат и од полицијата во ОК за обвинувања за силување и трговија со луѓе, што тие ги негираат. Нивната екстрадиција во ОК требаше да се реши откако ќе заврши судскиот процес против нив во Романија.
И двајцата имаат двојно британско-американско државјанство и им беше забрането да ја напуштат Романија, но се чини дека оваа забрана сега е укината.
Романскиот премиер претходно негираше дека американската влада извршила притисок врз браќата, кои имаат двојно британско-американско државјанство, да патуваат.
Браќата Тејт имаат широка поддршка на социјалните медиуми и каналите на десничарските организации и го поддржуваа Трамп за време на изборната кампања во САД.
Зошто им се суди во Романија?
Ендрју Тејт беше приведен заедно со неговиот брат Тристан во декември 2022 година во предградие на романскиот главен град Букурешт, како дел од истрагата за наводите за трговија со луѓе и силување. Браќата беа обвинети заедно со две осомничени Романки во јуни 2023 година.
– Иако оваа вест е несомнено предвидлива, ја поздравуваме можноста да ја демонстрираме нивната невиност и да ја оправдаме нашата репутација – рече менаџерскиот тим на браќата Тејт како одговор на обвинувањата.
Во декември 2023 година, на браќата Тејт им беше наредено да не ја напуштаат Романија откако побараа да ја посетат својата мајка во болница во ОК. Романскиот суд на почетокот на јули 2024 година пресуди дека тие можат да ја напуштат земјата, но дека мора да останат во Европската унија.
Обвинителите се спротивставија на оваа одлука, а неполни две недели подоцна беше поништена од Апелациониот суд во Букурешт.
Како Ендру Тејт го направи своето големо богатство?
Тејт се опиша себеси како „само-направен мултимилионер“ и рече дека своите пари ги заработил преку „мал бизнис со веб-камери од неговиот стан“.
„Имав 75 жени кои работеа за мене на четири локации и заработував 600.000 долари месечно преку веб-камера”, рече тој во еден подкаст.
На сега избришаната веб-страница, тој рече дека ги довел жените во „индустријата за забава за возрасни“.
„Мојата работа беше да запознаам девојка, да одам на неколку состаноци, да спијам со неа, да ја тестирам за „квалитет“, да ја натерам да се заљуби во мене и таа да прави што и’ да кажам, а потоа да ја снимам за да се збогатиме заедно“, напиша тој на страницата, која подоцна беше отстранета во февруари 2022 година.
Тејт го направи тоа заедно со неговиот брат Тристан, кој за Дејли Мирор изјави дека нивниот бизнис е „голема измама“ која вклучува мажи кои плаќаат за да разговараат со жени на социјалните мрежи.
– Видов мажи како продаваат автомобили, телевизори… Почина бабата на еден тип и чекаа да ја продадат куќата. Кога куќата била продадена, тој зел 20.000 фунти и ги дал на девојката за да го плати нејзиниот лажен финансиски проблем – рекол Тристан.