Во Собранието на Република Северна Македонија денеска ќе се одржи Конференција за Меѓупарламентарен дијалог за понатамошно унапредување на европската интеграција на Западен Балкан.
Како што информираат од собраниската прес-служба, регионалниот настан, кој е во заедничка организација на Парламентарното собрание на Советот на Европа и Собранието на Република Северна Македонија, има за цел да им обезбеди на парламентарците од регионот широка платформа за соработка и дијалог за да разговараат за предизвиците со кои се соочуваат, како и добрите практики кон европска интеграција.
Како што се наведува во најавата, воведни обраќања ќе имаат Талат Џафери, претседател на Собранието на Република Северна Македонија, Тини Кокс, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Бојан Маричиќ, заменик-премиер за европски прашања, Република Северна Македонија и Золт Немет, претседател на Комитетот за политички прашања и демократија, Парламентарно собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
На првата сесија за геополитичките предизвици ќе зборуваат Адриен Кирали, специјален советник за Западен Балкан, Генерален директорат за проширување и соседство, Европска комисија и Јоргос Папандреу, известител на Парламентарното собрание за „Поддршката на европската перспектива за Западен Балкан“.
На панел-дискусијата ќе се обратат Клотилда Бушка, пратеничка, претседателка на Комисијата за правни прашања, јавна администрација и човекови права, Маја Вукичевиќ, Парламент на Црна Гора, Арбер Адеми, претседател на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Северна Македонија, Марина Рагуш, потпретседателка на Комисијата за надворешни работи на Народното собрание на Србија, Арбрешa Крујезиу, претседателка на Комисијата за надворешни работи и дијаспора на Собранието на Косово, Лорд Стјуарт Пич, специјален претставник на премиерот на ОК за Западен Балкан.
Како што соопштуваат од собраниската прес-служба, на попладневниот дел од конференцијата за меѓународната соработка ќе дебатираат Н.Е. Дејвид Гир, амбасадор, шеф на делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Јоргос Папандреу, известител на ПССЕ, Поддршка на европската перспектива за Западен Балкан, Мајлинда Брегу, генерална секретарка на Советот за регионална соработка, Александар Николоски, претседател на Националниот совет за евроинтеграции и член на Делегацијата на Северна Македонија во ПССЕ, Витомир Рагуз, шеф на Канцеларијата за ЕУ односи, Банка за развој на Советот на Европа, Елвира Ковач, заменик-членка на Комитетот на ПССЕ за политички прашања и демократија, Питер Хурелбринк, директор на Фондацијата Фридрих-Еберт за Северна Македонија и Косово, Ерјон Тасе, извршен директор, Академија за политички студии, Тирана, Албанија, Александар Брезар, уредник на Еуроњус Вју, Недељка Ивошевиќ, членка на Бирото на Советодавниот одбор за млади при Советот на Европа, Дарко Каевски, претседател на Делегацијата на Собранието на Република Северна Македонија во ПССЕ.