Стопанската комора на Северна Македонија организира Регионална конференција на тема: „Како да се обезбеди поголема соработка помеѓу економиите од Западен Балкан – предизвици и можности“.
Пред настанот, прес-конференција одржаа Бранко Азески, копретседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Лулзим Рафуна, претседател на Коморскиот инвестициски форум и претседател на Стопанската комора на Косово.
Азески во своето обраќање рече дека Коморскиот инвестициски форум е формиран во 2015 година и во него учествуваат најголемите стопански комори од шесте земји од Западен Балкан.
Истакнувајќи ја важноста на денешниот настан, тој додаде дека работат на проектни активности што се однесуваат на подобрување на инфраструктурата и отстранување на бариерите при вршењето економска активност.
„Денеска тука отвораме простор за наше вклучување во зелените агенди, дигиталните агенди и сите останати нови форми на бизнисот и на живеењето, на екологијата, коишто ќе бидат доминантни во наредниот период, за коишто компаниите морат да бидат припремени“, рече Азески.
Рафуна, од друга страна, рече дека се залагаат за развивање на дијалогот меѓу бизнисите на Балканот, како и со Европската комисија и другите партнери.
„Нашата стратешка цел е да им послужиме како мост на нашите бизниси, тие да се движат на следното ниво со дигитализацијата и зелената агенда, како и да бидат подготвени за членство во ЕУ во иднина“, рече Рафуна.
На конференцијата се обратија вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, како и амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер.
Вицепремиерот Битиќи потсети дека земјите од регионот имаат потпишано низа договори со кои меѓусебната трговија се одвива без никакви царински и даночни бариери.
Тој исто така ја истакна потребата од подобра инфраструктура.
„Економиите секогаш се зависни од добрата инфраструктура во поширока смисла на зборот, која во сите овие земји во регионот била целосно запоставена и со ниски стапки на инвестирање во периодот на транзиција. Но сега, конечно, станува висок приоритет на целиот регион кој од година во година сè поинтензивно инвестира во сопствената инфраструктура и модернизација на патиштата, железниците, енергетските капацитети итн.“, рече Битиќи.
Амбасадорката Агелер го повика приватниот сектор да придонесе во решавање на предизвиците кои се пречка за инвестициите, упатувајќи апел да бараат владеење на правото и да помогнат во борбата против корупцијата.
ИЗВОР: ТРТ БАЛКАН