Нови жртви на Блискиот Исток
Во израелски напад врз селото Беит Јахун во јужен Либан, загинаа пет борци на либанската милитантна група Хезболах , меѓу кои и син на висок член на Хезболах, соопшти милитантната група и тројца добро информирани извори.
Меѓу загинатите е и синот на шефот на фракцијата на таа група во либанскиот парламент, Мохамед Рад , според соопштението на Хезболах до кое дојде РИА Новости.
– Израелската армија ги уби нашите борци додека извршуваа воена мисија во јужен Либан, меѓу кои и Абас Мохамед Рад – се вели во соопштението.
Хезболах ја објави смртта на петмина свои членови доцна во средата, со што вкупниот број убиени борци на групата од избувнувањето на насилството долж границата достигна 85, објави Ројтерс.
Хезболах претходно најави напад на 12 израелски воени цели, вклучително и локации во близина на границата со Либан .