– Координативно тело или мрежа од институции почна ефективно да ја спроведува првата постпенална програма во земјава. Претставници од прилепскиот Казнено – поправен дом, од Центарот за социјални работи, приватниот и јавниот сектор, невладините организации, сите како координативно тело, почнаа со конкретните активности.
Проектот постпенална програма за рехабилитација, реинтеграција и ресоцијализација на осудени лица се реализира со здружението „Центар за граѓанска иницијатива“ од Прилеп, а е финансиран од Европската Унија. Се спроведува во период од три години, а почна во јули минатата година.
Како што објаснува Талија Петреска, експерт за постпенална програма од здружението „Центар за граѓанска иницијатива“, многу е битна постпеналната програма за да се намали големиот број рецидиви, односно враќање во затворските институции.
– Ова е прва постпенална програма во нашата држава. Досега постоеше само пенална програма што се спроведува за осудените лица сѐ додека се наоѓаат во институцијата, додека се на издржување на казната. Но, програмата не би донела резултати, доколку нема постпенална програма. Оваа постпенална програма го опфаќа издржувањето на казната, но и периодот по нејзиното издржување. Тоа е многу битно поради појавата на рецидив во нашата држава, со оглед на големиот број случаи кога по издржувањето на казната затвор, повторно се враќаат во затворските установи, вели Петреска.
Целта е, како што посочува, на лицата да им се овозможи полесно приспособување во општеството по излегување на слобода.
– Тоа значи дека уште за време на издржувањето на казната, за секое лице би се подготвувала индивидуална програма бидејќи на лицата им се потребни вработување, сместување и финансии по излегувањето на слобода, за да не дојде до враќање во казнено – поправната установа. Со оваа програма, за време на издржувањето на казната, им се овозможува стекнување вештини и дооформување на образованието, зашто најголемиот број лица или немаат образование или не им е докомплетирано. Во КПД Прилеп во наредниот период ќе бидат изградени две работилници – за ИТ вештини и браварска работилница. На оние пак, кои имаат знаења и сопствени идеи, ќе им биде овозможен грант за самовработување. На лицата им се овозможува и период на приспособување и за три месеци по ослободувањето ќе им биде обезбедено сместување, како и подмирување на основните трошоци за живот. Лицата ќе имаат и психосоцијален третман додека се во казненопоправиот дом и потоа. Психологот работи и со лицето и со семејството за полесно приспособување во новите услови за живот, додава Петреска, објаснувајќи ја програмата.
Психологот во оваа програма Гордана Мојсоска вели дека два месеца пред истекот на казната, почнува индивидуалната програма.
– На психосоцијалните интервенции се работи со осудените лица за да се види нивното неприфатливо однесување, да стекнат свесност за своето неприфатливо однесување и да го заменат со општествено прифатливо однесување. Два месеца пред истекот на казната се почнува со таа индивидуална програма, а тоа е психолошка проценка, процена на семејните врски, работните интереси – вештини, состојба на домување, финансиска состојба. Со психосоцијалните интервенции, се продолжува и во надворешната средина и се работи со лицето и со неговото семејство, за да се зацврстат семејните врски и нивното подобро интегрирање во надворешната средина, истакнува Мојсоска.
Приватниот бизнис сектор е заинтересиран да понуди вработување. Маја Илиеска, претставник на приватна компанија, потврдува дека им се потребни вештини од браварскиот занает.
– Од приватниот сектор го поддржуваме овој проект. Сакаме да им помогнеме на лицата по издржувањето на казната и им нудиме вработување. Се вклучуваат повеќе компании што го поддржуваат овој проект и ќе им се нудат вработувања на лицата по издржувањето на затворската казна. Во овој случај, преку браварскиот занает, нагласува Илиеска.
Искуството од другите држави покажува намалување на рецидивите. Првата постпенална програма во државава што ја финансира ЕУ, ќе трае до 2025 година.