„Коперник“: 2023-та беше најтоплата година досега

– Штотуку завршената 2023 година беше најтоплата година забележана досега во историјата, се вели во извештајот на Службата за климатски промени на Европската Унија, „Коперник“.

„2023-та беше екстремна година со климатски рекорди со домино ефект“, истакна Саманта Бурџес, заменик-директор на „Коперник“, преку X.

„Температурите во текот на 2023 година ги надминаа температурите од кој било друг период во последните најмалку 100.000 години“, нагласи Бурџес и додаде дека забележано е за првпат во секој ден во текот на една година да се надминува температурната разлика од 1 степен Целзиусов над прединдустриското ниво во периодот од 1850 до 1900 година.

Извештајот, исто така, укажува и на растечките емисии на стакленички гасови што доведува до невообичаено високи температури на океаните.