Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, денеска ќе престојува во работна посета на Црна Гора каде ќе се одржи министерска конференција на земјите од Западен Блакан во организација на Секретаријатот на Транспортната заедница и ЦЕФТА.
Во рамки на конференцијата, ќе се потпише Анекс на Одлуката на Европската Комисија за разбирање на високо ниво помеѓу Европската Унија и Република Северна Македонија за индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа во Република Северна Македонија.
Со потпишувањето на овој документ Коридорот 8 станува дел од мапата на главните коридори на Западен Балкан, во рамки на проширувањето на Транс-европските транспортни мрежи на Европската Унија. Тоа следува откако ЕУ го прифати барањето на Северна Македонија, Бугарија, Италија и Албанија, Коридорот 8 да влезе во мрежата главни коридори во регионот и во Европа.
Целта на развојот на Транс-европските транспортни мрежи е обезбедување непречен, одржлив и ефикасен транспорт низ Унијата, зајакнувајќи го социјалното, економското и територијалното единство.
Откако Европската комисија во декември 2021 година предложи ревизија, со цел да ги вклучи приоритетите од Зелената агенда, стратегијата за одржлива и паметна мобилност и стратегијата за поврзување, донесена е одлуката за продолжувања на индикативните карти на ТЕН-Т на конкретни соседни земји, вклучително и на регионот на Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Република Северна Македонија, Србија и Црна Гора).
-Индикативните карти на Транс-европската транспортна мрежа, продолжени до Северна Македонија, имаат за цел да обезбедат кохерентност помеѓу Транс-европската транспортна мрежа на ЕУ и транспортната мрежа на Северна Македонија; да промовираат соодветно планирање и развој на одржливо и ефикасно транспортно поврзување помеѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на идентификувањето заеднички инфраструктурни приоритети меѓу ЕУ и Северна Македонија; олеснување на развојот на постојната транспортна мрежа, информираа од Владата на 10 мај кога ја седница беше усвоена информацијата за анексот за договорот.
Впишувањето на Коридорот 8 во трансевропските транспортни мрежи е еден од аргументите на Владата за означувањето со европско знаменце на законските измени повзрани со изградбата на четири автопатски делници на коридорите 8 и 10д, покрај тврдењето дека со измените ќе се овозможи побрза и поевтина изведба.