– Владата на Косово вчера донесе одлука со која се забранува користење на популарната социјална мрежа ТикТок во објектите на државните институции.
На вчерашната седница на Владата на Косово, премиерот Албин Курти истакна дека Министерството за внатрешни работи ја предложило споменатата забрана со цел да се елиминираат сајбер заканите.
Бардил Добра, заменик-министер за внатрешни работи на Косово, најави дека сите државни институции ќе бидат обврзани да инсталираат техничка опрема што го спречува функционирањето на социјалната апликација ТикТок во просториите на државниот сектор. Исто така, од сите вработени се бара да ја деинсталираат оваа апликација од нивните службени уреди.
„Ѝ предлагаме на Владата на Косово да го забрани инсталирањето, користењето и функционирањето на услугите на ТикТок на сите средства за комуникација кои се во сопственост и под управување на јавните институции“, нагласи Добра, додавајќи дека овие мерки се во согласност со Законот за сајбер безбедност, како и активностите што ги преземаат сојузничките земји.
ТикТок е апликација за објавување, споделување и коментирање на видео содржини која е во сопственост на кинеската компанија ByteDance. Оваа апликација е забранета за користење во јавните институции или е ограничена/забранета нејзината употреба на службените уреди во неколку земји низ светот, вклучително и Соединетите Американски Држави (САД) и земји-членки на Европската унија (ЕУ).
Со оваа одлука Косово станува првата земја на Балканот, надвор од ЕУ, која го забрани користењето на кинеската апликација во објектите на државните институции.