Амбасадорот на Соединетите Американски Држави (САД) во Косово, Џефри Ховенир, денес на средба со повеќе новинари во Приштина соопшти дека откажувањето на учеството на Косово на воените вежби „Дефендер Европа 2023“ е првата последица за Владата на Косово бидејќи ги отфрлила повиците на Вашингтон да не ескалира ситуацијата на северот на Косово.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен на 26. мај предупредил дека постапките на Владата на Косово во северните општини ќе имаат последици врз билатералните односи.
„Првиот показател за тоа беше одлуката што ја донесе синоќа американскиот командант за Европа да го откаже учеството на Косово на ‘Дефендер Европа 2023‘“, порачал амбасадорот.
„Тие вежби се завршени за Косово“, нагласил тој.
САД ја критикуваа Владата на Косово, нагласувајќи дека на 26. мај новите албански градоначалници во северните општини „насилно влегле“ во општинските згради на север.
Џефри Ховенир кажа дека САД исто така размислуваат за други одлуки што треба да донесат поради тоа.
„Побаравме косовскиот премиер Албин Курти веднаш да преземе чекори за деескалација на ситуацијата на север. Тој не одговори на тие барања. Затоа размислуваме кои ќе бидат нашите следни акции“, додаде тој.