Косово: Жалбата на „Српска листа“ усвоена, на ЦИК ѝ се наложува нејзино заверување за учество на изборите

– Жалбата на „Српска листа“ е усвоена и на Централната изборна комисија на Косово ѝ е наложено да ја завери за учество на парламентарните избори закажани на 9 февруари 2025 година, одлучи денес Изборниот совет за жалби и претставки (ИЛП).

Како што јавуваат косовските медиуми, во одлуката на Изборниот совет се наведува „дека одлуката на ЦИК е поништена, поради тоа што ‘Српска листа’ доставила документација во согласност со законот за општи избори и придружните правила на ЦИК“.

Исто така, истакнато е дека одлуката на ЦИК е спротивна на законските одредби, па, според тоа, на ЦИК ѝ се наложува да ја спроведе одлуката на Изборниот совет.

Централната изборна комисија (ЦИК) на Косово на почетокот на неделата не ја завери „Српска листа“ за учество на изборите, за што како причина ги наведе „националистичките повици на претседателот на ‘Српска листа’ во Косово, Златан Елек, за време на претставувањето на изборната листа“.

Западните земји, Германија, САД, како и Европската Унија (ЕУ) изразија загриженост откако ЦИК не го потврди учеството на најголемиот политички субјект на Србите на Косово на претстојните парламентарни избори.