Министерството за внатрешни работи на Косово соопшти дека се затворени два гранични премини со Србија, едниот во Брњак, а другиот во Мердар. Во меѓувреме, сообраќајот во моментов е пуштен на граничниот премин Јариње.
Министерот за внатрешни работи на Република Косово, Џељаљ Свецла изјави дека маскираните екстремисти на територијата на Србија користат селективен и фашистички пристап за да ги спречат граѓаните кои сакаат да поминат низ Србија, а сето тоа пред српските власти.
Тој рече дека „во одбрана на животот и безбедноста на сите граѓани, овој пункт, како оној во Брњак, ќе биде затворен додека не се прекинат ваквите селективни и фашистички дејствија и целосно не се нормализира состојбата“.
Свецла претходно рече дека премините се затворени за сообраќај бидејќи „маскирани“ лица „запираат автомобили и ги идентификуваат патниците“ на српската страна од границата.
На ситуацијата реагираше и министерката за надворешни работи Доника Гервала.
Таа во своето обраќање на платформата Х ги повика Европската унија и Соединетите Американски Држави да реагираат за да се запре опасната ескалација на Вучиќ.
На граничниот премин меѓу Косово и Србија во Брњак, групи маскирани Срби запираат автомобили со германски таблички и не дозволуваат преминување на Албанците.
„Полицијата на Вучиќ ја поддржува оваа расистичка ескалација, тие гледаат и не дејствуваат. Вучиќ продолжува да ги изневерува Германија и Европската унија, зборувајќи за европска интеграција и влошување на ситуацијата. Се надеваме дека Германија ќе побара слободен премин, без оглед на прашањето за литиум“, напиша шефот на косовската дипломатија.
Тој вели дека Косово ќе ја држи затворена оваа гранична точка додека не се обезбеди слободно движење и Албанците не бидат заштитени од сериозни сцени на маскирани српски криминалци кои демнеат и се закануваат.
„Ги повикуваме Европската Унија и САД да дејствуваат решително за да се запре опасната ескалација на Вучиќ, пред таа да предизвика војна“, заклучува Гервала во својата реакција.