Косово: Србите загрижени за приходите кои ги добиваат од Србија во динари

– Иако денес стапи на сила уредбата на Централната банка на Косово според која еврото е единствена платежна валута, во Грачаница, која е на само неколку километри од Приштина, српскиот динар сѐ уште е во оптек.

Продавач од Грачаница, кој не сакаше да зборува пред камерата, рече дека досега во српските средини во Косово се користеле и евра и динари, но дека цените се во евра.

„Денес никој не ни дојде. Велат дека динарот уште важи, па ќе видиме колку ќе трае тоа. Ако е можно, ќе работиме како и досега со динари, а ако не, ќе работиме по ново“, рече продавачот.

Како што е најавено од Владата на Косово, засега ќе нема казни, но ќе биде спроведено информирање на граѓаните во пократок транзиционен период, кој не е точно прецизиран.

Во Грачаница, најголема општина со српско мнозинство во Косово, ситуацијата е мирна, но граѓаните се загрижени за приходите што ги добиваат од Србија во динари.

Пензионерката Станица Трајковиќ од Општина Грачаница за Анадолу рече дека покрај косовската старосна пензија, добива и пензија од Србија во динари и дека е многу загрижена поради ваквата ситуација. Таа истакна дека граѓаните за забраната на динарот се информирани само преку медиумите.

„Никој ништо не ни кажува за тоа, само преку медиумите, никој не нѐ информира што ќе биде. Очекувам за краток период тоа да се реши бидејќи за десетина дена треба да земеме пензија. Се надевам дека ќе се одлучи дали ќе добиваме во евра или во динари, но јас сметам дека нашиот динар е валиден“, рече Трајковиќ и додаде дека оваа одлука е многу лоша за Србите во Косово, кои се навикнати да го користат динарот.

Граѓанската активистка од Грачаница, Невенка Рикало, смета дека одлуката за забрана на динарот во Косово е кршење на човековите права на Србите кои живеат на Косово. Рикало, која зема пензија од Србија, истакна дека не ќе можат сите да одат во Србија за да си ги подигнат приходите во динари.

„Многу луѓе ќе бидат вознемирени, нервозни, па дури и ќе почнат да размислуваат да заминат од Косово бидејќи ако го одземеме човековото право за прием на пари, што сме го оствариле во текот на животот, тоа ќе биде многу голема тешкотија. Што се однесува до политиката на Белград и Приштина, ние сме сепак за да се оствари она за што ќе се договорат и што ќе го потпишат и едната и другата страна, а да не се прави нешто без договор, без согласност на Европската Унија и другите што учествуваат во нашите преговори“, рече Рикало за Анадолу.

Нејзината порака до политичарите е да се стават во позиција на обичните луѓе, да почнат да размислуваат за заедниците и помалку да се занимаваат со политика, а повеќе со локални проблеми на населението.

Српскиот динар од крајот на војната во 1999 година беше во употреба во Косово, во средините каде што живее мнозинско српско население, кое добива плати, пензии, социјална помош или други видови надоместоци од буџетот на Република Србија. Досега динарот се исплаќаше преку нелиценцирани експозитури на Поштата на Србија во Косово и преку Комерцијална банка, која од денеска веќе не работи со динари откако неодамна ја купи НЛБ банка.

Првиот заменик-премиер за евроинтеграции и дијалог на Косово, Бесник Бислими, вчера на прес-конференција изјави дека еврото било и останува единствената валута во Косово. Бислими додаде дека од денес не ќе може да се увезува и извезува пари без лиценца за транспорт на пари издадена од Централната банка на Косово. Понатаму истакна дека ќе нема казна, туку дека ќе биде спроведено информирање на граѓаните во одреден транзиционен период.

Бислими рече дека Централната банка на Косово треба да спроведе разговори со Централната банка на Србија за изнаоѓање механизам за транспарентен трансфер на финансиските средства.

Денес се огласи и портпаролот на Европската Унија, Петер Стано, кој во писмена изјава за медиумите наведе дека Европската Унија е загрижена за последиците што одлуката на Централната банка на Косово би можела да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници.

Иако уредбата на Централната банка на Косово има цел да ја унапреди транспарентноста на финансиските текови, да обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перењето пари и фалсификувањето, Европската Унија напоменува дека уредбата ќе влијае и врз финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија.

„Европската Унија е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово поради отсуството на претходни консултации, особено нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледното отсуство на алтернативи во овој момент. Краткиот преоден период за примена на уредбата, во комбинација со недостигот од информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да им го комплицира животот“, рече Стано.

Европската Унија апелира до Косово да обезбеди доволно долг период на транзиција и да најде решение за ова прашање преку преговори во рамките на дијалогот што го води ЕУ.