Косово ја помина првата фаза во процесот за членство во Советот на Европа

Комитетот на министри на Советот на Европа со повеќе од две третини гласови на членките одлучи да ја заврши првата фаза на зачленувањето на Република Косово, проследувајќи го барањето за членство на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово соопшти дека Комитетот на министри на Советот на Европа денес одлучи да го испрати барањето за членство на Косово во таа паневропска организација, Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Како што се наведува во соопштението, Комитетот на министри на Советот на Европа, најзначајната европска организација за човекови права, владеењето на правото и демократијата, денес со повеќе од две третини гласови на државите членки одлучи да ја заврши првата фаза на зачленувањето на Република Косово, проследувајќи го барањето за членство на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

„Оваа позитивна одлука доаѓа по долга интензивна работа, внатрешна меѓуинституционална координација и блиска соработка со земјите членки на Советот на Европа и другите сојузници. Република Косово е длабоко благодарна на сите земји кои гласаа и помогнаа во позитивното гласање на Комитетот на министри“, потенцираат од Министерството за надворешни работи и дијаспора на Косово.

Оттаму додаваат дека и покрај фактот дека Косово прецизно ја поминало првата фаза на членство, треба да се напомене дека ова беше „финале пред финалето“ бидејќи Косово поминало важни правни и политички предизвици.

„Секако, има уште многу работа до членство. Како следен чекор, Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе подготви мислење во врска со членството на Косово. Потоа, мислењето се испраќа на Комитетот на министри, кој потоа носи конечна одлука за членство“, се напоменува во соопштението.

Заменик премиерката и министерката за надворешни работи и дијаспора на Косово Доника Гервала-Шварц на 12 мај 2022 година ја предаде официјалната апликација на Косово за членство во Советот на Европа (Council of Europe) во седиштето на таа организација во Стразбур.

За прием во членството на Советот на Европа е потребно двотретинско мнозинство од земјите-членки. Косово одлучи да аплицира минатата година откако Русија се повлече за да избегне исклучување од членство од меѓународната организација откако воено ја нападна Украина.

Во Советот на Европа се зачленети 46 земји од европскиот континент, од кои 27 се и во членството на Европската унија (ЕУ).