– Шефот на пратеничката група на опозициската Демократска партија на Косово, Абелард Тахири побара од премиерот Албин Курти да им ги изложи на граѓаните на Косово и на политичката класа барањата кои ги добил од западните емисари кои во саботата престојуваа во Косово.
Во обраќање пред медиумите по денешната седница на Претседателството на Собранието на Косово, Тахири рече дека Владата треба да има дипломатска офанзива за нападот што се случи на северот од државата на 24 септмеври.
Според него, премиерот им должи на сите граѓани на државата, но и на политичката класа, да одржи прес-конференција и по средбата со евро-американската петорка да даде појаснување за нивните барања и неговиот став во однос на нив.
– Не знам дека имаме јасен став на премиерот во однос на нивните барања. Го повикуваме премиерот да се координира што е можно поблиску со нашите сојузници, особено со САД. Еден месец од наша страна не е преземена никаква акција за да се убеди и покаже реалноста на она што се случи (на 24 септември). Имаме потреба да ја гледаме нашата Влада во дипломатска офанзива еден месец и да го открие вистинското лице на (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ. Не знам од кого се плашат, рече Тахири.
Првиот човек на пратеничката група на најголемата опозициска партија во Собранието на Косово, се осврна и на однесувањето на претседателката Вјоса Османи, за која рече дека ја поддржува политичката страна предводена од Курти.
Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, придружуван од пратеникот на американскиот претседател Џо Бајден за Западен Балкан, Габриел Ескобар и високите советници на лидерите на Германија, Франција и Италија, допатуваа во Приштина во саботата, кога се сретнаа со косовскиот премиер, Курти, по што отпатуваа за Белград, на средба со претседателот на Србија, Вучиќ.
Покрај Лајчак и Еакобар, дел од делегацијата беа уште Емануел Боне, советник за безбедност и надворешна политика на францускиот претседател Емануел Макрон, Јенс Плотнер, советник на германскиот канцелар Олаф Шолц и Алесандро Катанео, советник на италијанската премиерка Џорџа Мелони.