Косовската полиција синоќа соопшти дека ги презела сите мерки за безбедно и непречено спроведување на изборниот процес утре во четири општини на северот на Косово.
Граѓаните во тие општини ќе избираат градоначалници на Северна Митровица, Звечан, Зубина Поток и Лепосавиќ, а ќе се гласа и за советници на собранијата на општините Лепосавиќ и Звечан.
Како што се наведува во соопштението од полицијата, мерките се преземени врз основа на оперативно планирање и во координација со претставници на надлежните институции, вклучително и Централната изборна комисија (ЦИК).
Целта на тоа планирање и координација, додава полицијата во соопштението, е спроведување на оперативен план кој има за цел да создаде безбедна и мирна средина за сите граѓани на Косово, пред, за време и по изборниот процес.
„Гаранција на избирачкото право, заштита на животот и имотот, спречување на негативни појави и криминални дејствија кои би ја загрозиле безбедноста, мирот и стабилноста во било која мерка, како и преземање законски мерки против незаконски и други дела, се задачи на косовската полиција, се наведува во соопштението.
Надлежните институции ги повикаа сите граѓани да соработуваат со косовската полиција, државното обвинителство, ЦИК и да ги пријават сите незаконски случаи поврзани со безбедноста, изборниот процес или други, а како што е наведено, тие пријави ќе се третираат доверливо, а можат и да бидат испратени и до Државното обвинителството, ЦИК и полицијата.