– Косовската полиција утрово уапси Србин во Северна Митровица, осомничен за нападот врз војниците на КФОР на 29 мај во Звечан, на северот на Косово.
Косовската полиција соопшти дека по интензивна работа и истражни дејствија, утринава е уапсен „осомничениот Србин Н.О. со живеалиште во Северна Митровица, познат по прекарите „Немац“ и „Руси“ во врска со случајот напад и загрозување на лица под меѓународна заштита, КФОР“.
„Неговото апсење и придружба во полициска станица е извршено по прибавување докази дека бил вмешан во нападот на КФОР на 29 јуни 2023 година, каде како резултат на нападот и манифестираното насилство, десетици припадници на КФОР се здобија со телесни повреди“, наведуваат од косовската полиција.
Се додава дека сите понатамошни дејствија ќе бидат преземени во соработка и координација со правосудните органи.
Во Звечан на 29 мај во судирот на српските демонстранти со меѓународните војници од мисијата на НАТО на Косово, КФОР, беа повредени 30 војници.
КФОР го презеде чувањето на општинските згради во три општини на северот на Косово, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, откако дојде до ескалација на ситуацијата кога новите градоначалници со помош на специјалните единици на Полицијата на Косово влегоа во општинските згради.
Оттогаш, српските граѓани во помал број мирно протестираат пред општинските згради.