– Домот на културата во Демир Капија е одличен пример за тоа како може на локално ниво да се развиваат богати културни активности кои, патем, се и атрактивни и за туристите во овој предел на земјава. Ова го истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, којашто заедно со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, беше во работна посета на општина Демир Капија.
Тие направија увид на реновираниот објект на Домот на културата „Мирка Гинова“. Таа рече дека преку овој целосно нов современ објект, конечно се обезбедени квалитетни услови за работа на културните работници, за креирање нови проекти, а граѓаните добиваат мултифункционален објект со најсовремена опрема.
– Убедена сум дека на овој начин ќе се зголеми и културната понуда за граѓаните во Демир Капија, а се разбира, дополнително ќе се развие и севкупниот потенцијал во овој дел од државата. Сакам да потсетам дека во Домот на културата „Мирка Гинова“, изминатите години успешно се реализираат бројни активности од областа на културата, како проекти од областа на фолклорната дејност и зачувување на нашата богата традиција, од драмската дејност, музичката и друго. Овие содржини успешно ја афирмираат македонската култура и надвор од земјава и ансамблите се добро познати и наградувани во регионот, нагласи министерката.
Таа додаде дека дополнително за посетителите е привлечен и Музејот на виното, што е редок пример и атракција во долгата винска традиција на овој крај.
– Во објектот функционира и библиотеката која сега ги има сите услови и за зачувување и збогатување на книжниот фонд, а верувам дека младите во иднина ќе бидат се почести посетители. Ваквите проекти се од огромно значење затоа што овозможуваат развој на културата, а позитивно влијаат и на развојот и поттикнувањето на младите, активно да се вклучат и да ги негуваат традиционалните обичаи, фолклорот. Во иднина се надеваме на уште многу вакви успешни проекти за подобра и поубава Демир Капија за сите, рече министерката за култура.
Благодарност за поддршката изрази градоначалникот Лазар Петров.
– Неуморните напори на Владата за подобрување на животот на граѓаните во ова време на предизвик, не поминаа незабележани. Помошта што ја дадовте за реконструкција и надрадба на Домот на културата во Демир Капија помогна да се олесни товарот со кој се соочуваат многумина. Домот на културата е повеќе од обична зграда, тоа е симбол на нашето наследство, традиции и вредности. Тоа е место каде што се собираме за да ја славиме нашата историја, да обележиме важни пресвртници и да создадеме нови спомени. Реновирањето извршено на оваа историска градба и вдахна нов живот и ѝ даде обновена намена во нашата општина, рече градоначалникот.
Тој нагласи дека реновирањето немаше да биде возможно без поддршката од Владата.
– Нивната посветеност да инвестираат во инфраструктурни објекти во областа на културата во нашата општина е за пофалба. Тоа е вистински доказ за важноста што ја даваат на културното наследство и неговата улога во збогатувањето на нашите животи. Уште еднаш, благодариме за вашата непоколеблива посветеност да и служите на заедницата. Вашата поддршка направи значителна разлика во животите на многумина и ние сме вечно благодарни, додаде Петров.