Костадиновска Стојчевска: Законот за македонскиот јазик да се изгласа во поразумно време


Министерката за култура и потпретседателката на СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска, очекува Предлог-законот за македонскиот јазик да биде изгласан во поразумен рок.

„Предлогот – законот за македонскиот јазик вчера помина на прво читање на пленарна седница во Собранието. Дебатата е на високо ниво, на конструктивно ниво, затоа што зборуваме за законот за употреба на македонскиот јазик, кој решивме годинава заедно со работната група да го претставиме како нов текст. Постојниот закон кој беше донесен во 1998 година и кој претрпе само неколку технички измени всушност ја регулираше употребата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, но имаше одредени недостатоци“, нагласи Костадиновска Стојчевска во утринската емисија на Канал 5.

Таа рече дека сега законот влегува во амандманска расправа и се надева дека конструктивната расправа ќе продолжи.

Костадиновска Стојчевска додаде дека и Законот за државни награди го поминал собранискиот филтер на пленарна седница.

Со Законот за државни награди предвидуваме две нови награди Блаже Конески и Ремзи Несими за особени достигнувања во македонскиот јазик, односно на албанскиот јазик, а исто така се надевам дека важноста на овие две нови награди ќе се цени, Костадиновска Стојчевска истакна и апелираше до другите народи во државата да достават предлози за државни награди за достигнувања во областа на нивните јазици.