Битола е богат град, и културно и историски. Секое делче од неа раскажува посебна приказна. Имаме уникатно богатство за чија заштита треба посветена работа“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која првата работна средба со амбасадорката на САД во нашата држава, Анџела Агелер, ја искористи за заедно да посетат неколку значајни локалитети и институции во Битола.
Костадиновска-Стојчевска и Агелер ги посетија археолошкиот локалитет Хераклеја Линкестис и Историскиот архив – Битола, а имаа и средба со пратенички и советнички од овој регион.
При посетата на локалитетот Хераклеја се запознаа со текот на активностите во рамките на проектот за конзервација и презентација на мозаици и архитектура на локалитетот, кој треба да биде финализиран до јуни годинава, а за кој беше обезбеден грант од американската амбасада во земјата.
Костадиновска-Стојчевска упати голема благодарност до амбасадорката Агелер за стратегиското пријателство меѓу Соединетите Американски Држави и Северна Македонија, за грижата и солидарноста на американскиот народ, кој преку амбасадорскот фонд во континуитет учествува во заштитата на македонските културни богатства за идните генерации што доаѓаат.
При посетата беше истакнато дека конзерваторските интервенции, кои првпат се преземаат во толку голем обем токму благодарение на овој грант, не само што ќе овозможат зачувување на овие исклучително вредни културни добра по кои е препознатлива Хераклеја туку ќе дадат и ново светло и значење на самиот локалитет.