– Културната и верската различност треба да бидат инспирација и мотивација за инвестиција во мирот и за општества со хуман, човечки лик, порача вечерва министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, на отворањето на првата светска конференција за верски дијалог и соработка, што од денеска до сабота се одржува во Струга на тема „Религиозните конфликти во светот: Причини и можни решенија“.
Темата, според министерката, е секогаш исклучителна, важна и постојано актуелна. Затоа, како што рече, сите сме тука – заедно да ги детектираме причините, да разговараме, да трагаме и да препорачаме можни решенија и да дадеме поддршка на ваквите мисии.
– Да најдеме начин како најдобро да учествуваме во овие процеси за да градиме свет во кој религиите веќе нема да бидат причина, или да бидат злоупотребени за да се оправдаат конфликтите. Кога граѓаните и одговорните лидери во заедниците ги разбираат и ги прифаќаат разликите, го направиле првиот чекор за да се посветат на заедничките цели за да создадат и да негуваат функционално општество на еднакви граѓани, нагласи Костадиновска – Стојчевска.
Една од главните карактеристики и вредности, подвлече, е што нашата држава во светот веќе се препознава како успешно, вредно и функционално мултикултурно општество.
– Заедништвото на оваа македонска територија, како крстосница на цивилизациските текови, се градеше со векови, а денес е обврска за нашата заедничка иднина. Тоа е денес Северна Македонија, дом на еднакви граѓани, без разлика на нивната етничка или верска определба. На овој наш пат се соочувавме со предизвици и искушенија. Но, нашата современа држава, особено по меѓуетничкиот конфликт во 2001 година, на кој многумина му даваа и религиозна конотација, избра вредности кои културната различност ја прават динамична сила за постигнување одржлив развој. Наместо ексклузивност, избравме инклузивност и почит кон културната различност како основа за постојан дијалог. Наместо нетрпеливост кон другиот, вклучувајќи ја и неговата верска определба, избравме прифаќање за да го продлабочиме нашето разбирање, рече минситерката за култура.
Дека Северна Македонија е земја со испреплетени етникуми со различни религии, култури и обичаи, кои со векови живеат во мир, толеранција и меѓусебно разбирање, говореше и министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
– Република Северна Македонија, како мултиетничка и мултирелигиска држава ги негува и продлабочува односите помеѓу различните верски заедници и секогаш успешно делува во полето на надминување на евентуални недоразбирања и несогласувања, рече Шаќири.
Тој смета дека најголемо влијание за меѓусебното разбирање и почитувањето на верските разлики, има токму образованието.
– Ако децата уште од најрана возраст научат дека не сите луѓе се исти, научат да ги почитуваат различните од себе, по религија, култура, државата ќе биде ослободена од грижите дека некогаш ќе се појават внатрешни конфликти меѓу граѓаните, а причина ќе биде токму религијата, истакна ресорниот министер.
Учениците, додаде, имаат предмети посветени исклучиво на запознавањето на религиите, учествуваат во воннаставни активности и проекти што го развиваат мултикултурализмот и создаваат силни врски помеѓу различните етнички и верски заедници.
– Стекнувањето на вистинските вредности, меѓу кои мултикултурализмот, еднаквоста, толеранцијата, е во фокусот на реформата на основното образование која е во тек. Промените во образовниот систем се стратешки потег, со кој, покрај другите ефекти кои ќе се постигнат од аспект на создавање уште поквалитетни генерации, ценам дека ќе се даде голем придонес во зачувувањето на општествениот мир и хармонија, токму поради подигнувањето на свеста за почитување на различностите, нагласи Шаќири.
На првата светска конференција за верски дијалог и соработка, што ја организира Центарот за интеркултурни студии и истражувања при Филозофскиот факултет во Скопје, учествуваат професори и истражувачи од областа на религијата од 22 држави во светот. Најавени се презентации на најновите резултати од истражувањето во оваа област на меѓукултурниот и верскиот дијалог и соработка во светот.