Одлуката на самиот организатор на „Оф-фест“ е дали ќе ги врати средствата или не. Правото на жалба е нешто што секој може да го користи онаму каде што смета дека сумата не е таа која треба да ја има за реализација на фестивалот. Тоа право почнува да тече 15 дена откако ќе го добијат решението, рече министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска. Таа посочи дека не е точна констатацијата оти лани одговор на жалба добиле дури на 19 септември.
Министерката за култура на денешниот брифинг со новинарите, во врска со соопштението на фестивалот „Оф-фест“ дека го откажуваат 22. издание поради добиена минимална поддршка од Министерството, рече дека иста била ситуацијата и во 2019 година, но по пристигнатата жалба, за овој фестивал биле доделени уште еден милион денари.
– Фестивалот „Оф-фест“ лани добил два милиони денари, но во 2019 година добил поддршка од еден милион денари. Со користење на правниот механизам жалба, добил уште дополнително еден милион денари средства за реализација на програмата, односно два милиони денари. Секој има право на жалба, рече Костадиновска Стојчевска.