Костова: За Владата може да има папаја и луксузи, за работникот трошки на софрата

Празниците треба да се денови на спокој, меѓусебна поддршка и грижа. Но со актуелната власт на ДПМНЕ работниците немаат спокој ниту на празник, истакна на прес-конференција Кристина Костова, потпретседателка на СДСМ.

„Во овие празнични денови, на Велигден, Владата ги остави без плата културните работници, вработените во Центрите за социјална работа, работниците во Државниот трудов инспекторат, Државниот пазарен инспекторат, во Министерство за економија.

Овие граѓани празникот ќе го дочекаа во неизвесност и разочараност, без можност да си ги подмират основните потреби. ДПМНЕ грубо и без грам совест го крши законот за исплата на плати на сите вработени до 15 во тековниот месец за претходниот месец. Или за Владата на Мицкоски не важат законите или воопшто не им е грижа за работниците“, вели Костова.

Вистинското лице на Владата на ДПМНЕ, според неа, е тотална незаинтересирност за граѓаните.

Додава дека платата не е награда, таа е основно загарантирано законско право на секој работник.

„До таму дојдовме да во Македонија веќе не се зборува за економски развој, туку дали власта може да ја исполни законската обврска – исплата на заработената плата.

За Владата може да има папаја, манго и луксузи- за работникот трошки на софрата. Ова е врв на неодговорност и неспособност.

Вработните во јавниот сектор заслужуваат да ја знаат вистината- зошто не им е исплатена платата и кој ќе сноси одговорност за тоа“, праша Костова.

Како што оценува, за овие 10 месеци животот на работниците се претворил во преживување од месец во месец. Животниот стандард, додава таа е на дното, цените и сметките континуирано растат.

Нагласи дека македонскиот работник е со најниски плати во регионот, а власта го одби секое барање за покачување на платите.

„Ова е сликата на “новото нормално” – луксуз за власта, празни џебови за сите други“.

Барамат итна исплата на платите на вработените во јавниот сектор.