– Земјата треба да чекори по европскиот пат, но достоинствено и ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ ако каже не на уставните измени, истакна денеска во своето експозе претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Љупчо Коцарев на редовното Годишно собрание на највисоката научна и уметничка институција во државата.
-Македонија треба да чекори по европскиот пат. Тој е единствениот пат кој нуди сигурност, економски напредок, благосостојба и извесност за сите нас и за државата. Но, на тој пат Македонците треба да чекорат единствено како горди и достоинствени Македонци. За да чекориме достоинствено по европскиот пат ги повикувам сите 120 пратеници во македонското Собрание едногласно да се изјаснат против уставните измени – тоа ќе биде мал чекор за нив, но огромен за Македонија. Ако сега кажеме не, колку и да се чини на прв поглед парадоксално и противречно Македонија ќе има повеќе шанси да биде рамноправна членка во ЕУ да опстои и да не се распадне. Во спротивно ако дозволиме уставни промени тоа ќе значи широко отворање на портите за други нови нестварни и небулозни барања што ќе повлече соочување со уште поголеми искушенија. Промената на Уставот е првото пробно дури можеби и не толку застрашувачко барање – другите посурови и позастрашувачки барања ќе дојдат подобри по започнување на пристапните преговори, смета академик Коцарев.
Според него, што се однесува до ЕУ треба да се постави прашањето дали ЕУ воопшто размислува за проширување, вели, ако, меѓу другото се земат предвид проценките на Европската инвестициска банка дека трошоците за обнова на Украина ќе изнесуваат приближно еден трилион евра што одговара на целиот буџет на ЕУ за периодот 2021-2027 година, а Германија чиј индустриски модел, вели, почнува да пропаѓа, нема фискален капацитет да обезбеди ниту дел од оваа сума.
Академик Коцарев за состојбата во контекст на стратегијата на ЕУ кон шесте балкански држави направи паралела со сотојбата на оние во романот „Процес“ од Кафка, кој е роман посветен на целосното бесмислено живеење, талкањето по судските лавиринти и бесмислената смрт.
Во своето експозе Коцарев се осврна и на односот на власта кон Академијата, оценувајќи дека тој не е сменет во изминатите 30-тина години. Наместо да го искористи интелектуалниот капацитет на академиците и во корелација со нив и со стратегиите кои ги има заеднички да градат модерна, развиена демократска држава, власта вели, „со сите сили настојува да ја задуши, оневозможи, омаловажи и да ја маргинализира работата на МАНУ“.
Притоа како пример го посочи уредното и навремено поднесување барања за користење средства обезбедени од други извори најчесто меѓународни проекти, а коишто Министерството за финансии или не ги одобрувало тие барања или барањата неоправдано долго чекале во некоја фиока така што се попречувало нормалното функционирање и работење на Академијата. Тој го повика на одговорност Министерството за финансии и најави и можност Академијата своите барања односно исполнувањето на овие права да ги бара и по судски пат, за што испратил и писмо, на 28 декември лани, до Министерството за финансии.
-Академијата бара одговорност од Министерството за незаконско, непроцедурално, неодговорно, некооперативно, непрофесионално и веројатно тенденциозно постапување поради што ќе биде принудена да бара исполнување на ова право на вработените по судски пат, стои во писмото, рече Коцарев.
Во своето обраќање на годишното собрание на МАНУ, Коцарев се осврна и на економските предизвици за земјата во услови кога, спред врвни економисти, светската економија се наоѓа пред огромна должничка и финансиска криза, а периодот на ниската инфлација и позтивниот економски раст е завршен.