Коцевски: Лага е дека вршев притисок, во Вишото обвинителство има контрола по информации за нестручно работење

„Како Јавен обвинител на Република Македонија ги отфрлам неоснованите тврдења за наводно мешање во предмет во кој повеќе од еден месец постапувало Вишото јавно обвинителство Скопје за кои тврдења до овој момент не е презентиран ниту еден доказ“ стои во соопштението на јавниот обвинител Љупчо Коцевски.

Согласувајќи се дека јавноста има право да ја знае целосната вистината, тој укажува дека: „Контролата во Вишото јавно обвинителство Скопје ја опфаќа работата на сите јавни обвинители во тоа обвинителство, а обвинителите кои чесно и одговорно си ја вршеле работата немаат ниту реакции, ниту стравувања, бидејќи знаат дека контролата се спроведува согласно закон“.

Од позиција на државен Јавен обвинител Коцевски изјави дека има обврска, првпат после повеќе од четири години да изврши надзор над работата на Вишото јавно обвинителство Скопје, бидејќи до него пристигнале информации и пресуди од Врховниот суд, кои укажуваат на можно нестручно работење на одредени јавни обвинители, како и пријави за закани, притисоци и недолично однесување кон вработени во обвинителството. Овие пријави се доставени и до Советот на јавните обвинители, наводите се документирани и имам обврска да ги проверам.

Лажните тврдења за наводни притисоци почнаа веднаш по започнување на контролата, што само потврдува дека ја Коцевски ја презема исправната работа и од тоа нема намера да отстапи. Конкретниот предмет што се наведува воопшто не е предмет на контрола и се споменува само за да се издејствува политички притисок и да го натера Коцевски да се повлече.

„Но, тоа во ниту еден момент нема да се случи!Кога ја презедов функцијата јавен обвинител дадов заклетва дека оваа функција ќе ја вршам чесно и одговорно и ветување дека ќе ја вратам довербата во јавнообвинителската организација. Тоа и ќе го направам. Сите сознанија до кои ќе дојдам по извршената контрола и сите информации кои деновиве продолжуваат да пристигнуваат до мене имам намера да ги објавам веднаш по завршување на соодветните постапки предвидени во Законот за јавното обвинителство“ пишува во соопштението на Коцевски.

До крајот на овој месец контроли ќе бидат извршени и во сите останати виши јавни обвинителства и во ОЈОГОКК. За сите контроли задолжени се јавните обвинители од републичкото обвинителство распоредени како координатори за соодветните обвинителства со редовен годишен распоред. Според задолженијата, тие ќе треба да го проверат предметното работење на сите јавни обвинители во предметите во кои обвинителите се откажале од жалба или од обвинение. Затоа очекувам нападите кон мене да продолжат со уште поголем интензитет, особено од страна на лица кои со вакви обвинителски одлуки се спасиле од кривичен прогон додека граѓаните очекувале правда.