Кошта: Проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што ЕУ може да ја направи

Проширувањето кон Западен Балкан е најважната геополитичка инвестиција што може да ја направиме. Затоа лидерите на 27-те земји-членки и лидерите на Западен Балкан повторно ќе се сретнат во Брисел на 18 декември, објави на платформата „Х“ претседателот на Евроспскиот совет Антонио Кошта.

Иднината на Западен Балкан е во Европската Унија. ЕУ е сериозна кон своите обврски. Ова не се само празни зборови, ние инвестираме во мир и просперитет за сите луѓе на Западен Балкан. Инвестираме во заедничка иднина, вели Кошта во кусото видео објавено на „Х“.

Кошта додава дека „во овие несигурни времиња, повеќе од секогаш ние треба да работиме заедно“.

На 18 декември во Брисел ќе се одржи редовен годишен самит на лидерите на ЕУ и на земјите од регионот. Ова ќе биде прв самит со кој ќе претседава Антонио Кошта, новоизбраниот претседател на Европскиот совет.

Шефовите на држави и влади на ЕУ ќе ја усвојат декларацијата на крајот на самитот, а од регионалните лидери се очекува да се усогласат со неа. Меѓу другото, ќе се констатира дека проширувањето е геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот.

-Има нова динамика во процесот на проширување. Забрзувањето на процесот на пристапување, врз основа на правична и ригорозна условеност и принципот на сопствените заслуги, е во наш заеднички интерес“, се вели меѓу другото во нацртот на завршната декларација дека лидерите ќе усвојат на крајот од самитот што ќе се одржи на 18 декември.

Регионалната соработка ќе зазема важен дел од заедничката декларација, каде што ќе се подвлече дека помирувањето, инклузивната регионална соработка и добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ, се составен дел од процесот на проширување.

Македонската делегација на Самитот ќе биде предводена од премиерот Христијан Мицкоски, во чиј состав ќе бидат и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за европски прашања Орхан Муртезани, а според најавите, ќе одржат билатерални средби со високи претставници на ЕУ и на земјите членки.