Новата аргентинска фудбалска ѕвезда се најде на радарот на европските гиганти. Според светските спортски медиуми, Реал Мадрид, Пари Сен Жермен и Манчестер Сити се сериозно заинтересирани за Клаудио Ечевери, 17-годишник од Ривер Плата.
Младиот офанзивец го носи прекарот „Диаблито“, а вниманието го привлече со одличните настапи за У-17 репрезентацијата на Аргентина на првенството во Јужна Америка, каде на три настапи постигна три гола и три асистенции. Спортските медиуми 17-годишникот го нарекуваат и како идниот Лионел Меси.
На првиот натпревар со Венецуела постигна гол за победа од 4:2, додека против Перу за 45 минути поминати на теренот постигна два гола во триумфот на Аргентина од 3:0. Следен настап ќе го има вечерва (21:00 часот) против Чиле.
Минатата година Ечевери потпиша договор со Ривер Плата до 2025 година, во кој беше вклучена откупна клаузула од 25 милиони евра. Сепак, аргентинскиот клуб се надева дека во блиска иднина би можел да добие двојно поголема сума за својата млада ѕвезда.